„Економист“: Македонија е ниско задолжена земја

Македонија се најде на листата на земји со низок јавен долг, која што ја подготви влијателниот економски магазин „Економист“.

На т.н. часовник за глобален јавен долг на интернет страницата на „Економист“, Македонија е единствената земја од регионот која се најде во групата ниско задолжени земји.

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и јавниот долг кои изнесуваат 41,9 отсто и 50,6 проценти за третиот квартал од 2016 година.

Како што велат од Министерството, зголемувањето на државниот и јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и 2017 година. Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември по основ на доспеан кредит.

Согласно податоците на Еуростат, Македонија со новата состојба на државниот долг останува меѓу најмалку задолжените земји во Европа, а државниот долг е двојно помал од просечниот долг на земјите членки на ЕУ кој изнесува 85 проценти од БДП.