Економски раст, 30 нови странски инвестиции и 10.000 работни места

Премиерот Никола Груевски истакна дека главен приоритет за Владата во наредните четири години е интензивирање на економскиот раст, со стапка на пораст на БДП ,меѓу 3 и 6 отсто и најави најмалку 30 странски инвестиции кои ќе креираат над 10.000 директни работни места.

Груевски во периодот 2014-2018 година очекува раст на извозот од околу 10 проценти и раст на увозот од околу 8 проценти годишно.

Тој исто така истакна дека во првата половина од мандатот заложбите се економскиот раст да е од 3 до 4,5 проценти, а во периодот 2017−2018 година да биде повисок и да достигне 4,5 до 6 проценти.

– Овие претпоставки се остварливи само доколку се исполни претпостaвката за натамошна стабилизација на светската и европската економија и доколку не се случат нови глобални економски шокови. Во насока на остварување на економскиот раст ќе бидат политиките на одржување високи капитални инвестиции во буџетот преку реализација на крупни инфраструктурни проекти како и мерките за натамошно зголемување на домашните и странските инвестиции, рече Груевски.

Фискалната политика, најави, ќе остане насочена кон зачувување на макроекономска стабилност, умерен буџетски дефицит и негово постепено намалување и поврзаност со зголемен обем на капитални инвестиции во инфраструктурата. Стапката на инфлација се очекува да остане на умерено ниво од 2,5 до 3 проценти на годишно ниво.

– Ќе се почитува независноста на НБРМ во монетарната политика и нејзиниот избор на инструменти за одржување на стабилноста на цените, на ниска инфлација и стабилен девизен курс. Финансискиот сектор ќе остане стабилен. Со намалувањето на екстерните ризици се очекува постепено зголемување на кредитната поддршка на банките за приватниот сектор, посочи Груевски.