Економскиот раст движен од капиталните и странските инвестиции како и од извозот

Растот на македонската економија, и покрај должничката криза во Европа, беше движен од високите капитални инвестиции, од директните странски инвестиции и од реализираниот извор, рече денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при презентација на Отчетот за сработеното во период од 2011-та до 2013-та година.

„Во периодот од 201-та до 2013-та година, капиталните инвестиции продолжија да растат, па така минатата година беа скоро 20 милијарди денари, што е пораст од 29 проценти“, рече Груевски.

Во овој период, како што потенцираше, завршени се или започната е реализација на крупни инфраструктурни проекти во патната инфраструктура, железничката инфраструктура, нови инвестиции во образованието, здравството, енергетиката и во други области.

„Мерките што ги презедовме ја постигнаа целта и обезбедија работа за градежништвото и на други 2 индустриски гранки, а доказ за тоа е високото ниво на бруто-инвестициите и високиот раст на градежништвото. Така во периодот 2011-2013 капиталните инвестиции продолжија да бележат раст и во 2013 изнесуваа скоро 20 милијарди денари, што е пораст од 29 проценти во однос на 2010 година“, рече Груевски.

Македонија, како што нагласи, со долг од 34,3 отсто е четврта најниско задолжена земја во Европа, а го потенцираше особениот успех во борбата против невработеноста која што сега е на ниво од 28,7 отсто, историско најниско ниво во последните 17 години.