Економските политики успешни: Историски најниска стапка на невработеност

И покрај влијанието на политичката криза врз економијата, статистиката покажува дека долгорочните економски политики и активни мерки, имаат позитивно влијание на пазарот на труд. Државниот завод за статистика денеска објави дека продолжува трендот на намалување на невработеноста. Откако во 2015 година, стапката на невработеност забележа пад до 26,1%, во првиот квартал таа се намали на 24,5%, анализира порталот ЛИДЕР.

Бројот на невработени во првото тримсечје изнесува 231.386 лица, а бројот на вработени 714.435 лица со стапка на вработеност 42,6 отсто.  Од вкупниот број вработени 697.248 лица, 60,1 процент се мажи, а 39,9 проценти жени. Меѓу невработените поголемиот процент се мажи 66,3, а жени 33,7 проценти.

Според возраста, најмногу невработени лица се меѓу 25 и 49 години. Најмногу невработени лица се со средно образование четрири години 106.732, со основно 57.793, со високо образование 42.956, со средно образование три години 15.793, со незавршено основно образование  3859, со више образование 2.276 и без образование 1.908 лица.

Статистиката покажува дека најмногу вработува преработувачката индустрија 136.381 лице, земјоделскиот сектор 120.921 лице и трговијата 101.422 лица.

Мерките даваат резултат

Граѓаните ги користат активните мерки на Владата за вработување. Било да се работи за проектите за млади, за отворање сопствени бизниси, за самовработување, за разните обуки и практики, мерките се ползуваат и се отвораат нови работни места. Домашните компании го препознаа потенцијалот, имаат бенефит од разните олеснувања, доаѓаат до кадар со ниски трошоци, што го придвижува економското тркало во насока на развојот.

Од друга стана, познавачите на пазарот на трудот велат дека за намалување на стапката на невработеност придонесе и влезот на странските иневстции, кои истовремено влијаеа и на раздвижувањето на пазарот на работна сила.

Да потсетам, стартувавме со околу 38 отсто невработеност, а ја сведовме на 24,6 отсто. Од вкупно 560 илјади вработени луѓе во земјата во 2006, стигнавме до над 710 илјади, или над 150 илјади новоотворени работни места. Колку и сè уште да е висока невработеноста, пред 10 години за многумина оваа бројка беше само сон и личеше недостижно. Уште повеќе ако се потсети дека ова се оствари во услови на една светска и европска економска криза, кои заедно траеја околу 4-5 години, значи речиси половина од нашето работење, а еве една и пол година и во домашна политичка криза, која си има свое негативно влијание и на економијата, изјави неодамна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Со Оперативниот план за годинава е предвидено директно да се отворат над 8.700 работни места. Низ мерките и програмите ќе поминат 13.500 луѓе. Во планот има 28 мерки и обуки за сите кои се невработени, а се водат како активни баратели на работа. Ова е осми по ред Оперативен план.

Меѓу мерките и програмите во Оперативниот план се: програма за самовработување со која се опфатени 970 невработени во 920 микро фирми, субвенционирани работни места преку поддршка за микро и малите фирми, проект за мобилност, условен паричен надоместок, субвенционирано вработување, субвенционирани работни места за луѓе со инвалидност. Тука се и обуките кај познат работодавач, обуки со субвенционирано вработување, обука за побарувани занимања, за ИТ вештини, за возачи, за занаети, практиканство.

„Македонија вработува“ отвори над 18.500 работни места, се најавува втора фаза

Проектот „Македонија вработува“ кој заврши во април годинава резултираше со отворање на над 18.500 работни места во речиси сите сектори на економијата. Поволностите кои ги нудеше проектот беа ослободување од персонален данок и ослободување од плаќање на социјални придонеси. Зависно од категоријата, ослободувањето изнесува од 27 до 37 проценти до просечна бруто плата во период од 3 до 5 години, а за највозрасните до нивното пензионирање.

Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош. Ова беше можност за компаниите да селектираат добра работна сила, оценува првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.

„Македонија вработува“ опфати неколку категории луѓе: невработени до 35 години, работници од 35 до 50 години, невработени над 50 години, невработени во ризик, односно родители на три или повеќе деца, самохрани родители, приматели на социјална парична помош, деца без родители, жртви на семејно насилство, лица со инвалидитет, професионални војници, родители на деца со пречки во развојот, а во последната група влегоа највозрасните со над 58 години, за кои работодавачот се ослободи од плаќање придонеси до пензионирање на работникот.

Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува професорот Јован Пејковски.

Груевски во мега- интервјуто за Телеграф.мк најави дека наскоро се планира втора фаза од проектот „Македонија вработува“, со која се очекуваат уште поголеми резултати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.