ЕКРИ објави извештај за Македонија

ЕКРИ објави извештај за Република Македонија
ЕКРИ објави извештај за Република Македонија

Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ) денеска во Стразбур го објави извештајот за Република Македонија, кој се однеува од петтиот круг на евалуацијата и се фокусира на четири теми кои се заеднички за сите држави членки: законодавство, говор на омраза, насилство и политики за интеграција, како и бројни прашања поврзани со секоја од овие теми.

Извештајот, јавува дописникот на МИА од Стразбур, се осврнува и на препораките кои подлежат на преодно следење, а кои не се или делумно се имплементирани по четвртиот круг на мониторинг.

Во рамките на петтиот круг на мониторинг, повторно се бара приоритетно спроведување на две конкретни препораки содржани во извештајот и се додава дека во рок не подолг од две години по објавувањето на овој извештај, ЕКРИ ќе спроведе процес на преодно следење на остварувањето на овие препораки.

Извештајот ја опфаќа ситуацијата заклучно со 9 декември 2015 година и сите настани по овој датум не се опфатени со анализата, ниту се земени предвид во заклучоците и предлозите на ЕКРИ.

Од усвојувањето на четвртиот извештај на ЕКРИ за Република Македонија објавен на 28 април 2010 година, постигнат е напредок во голем број на области, се вели во резимето.

Во 2010 година беше усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој меѓу основите за дискриминација ги предвидува расата, бојата на кожа, етничката припадност, јазикот, државјанството и верата.

Во 2014 година, Министерството за правда формира работна група за криминалот од омраза, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Во неа се вклучени претставници од Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Академијата за судии и јавни обвинители и неколку невладини организации. Во 2015 година, Министерството за внатрешни отвори Црвена линија преку која може да се поднесуваат поплаки и да се пријавуваат случаи на говор на омраза на едноставен начин преку интернет.

Во 2014 година беше усвоена нова законска рамка со која се уредува вработувањето во државната служба и јавниот сектор, која треба целосно да започне да се применува кон крајот на 2015. Со неа се очекува да се насочи процесот на вработување на припадниците на сите етнички заедници и да се воспостави систем за прибирање на етнички сегрегирани податоци за вработувањата во јавниот сектор.

Властите усвоија и Стратегија за Ромите за периодот 2014–2020, која се фокусира на пет стратешки области: вработување, образование, домување, здравствена заштита и култура. Националните акциски планови за првите четири области и за поддршка на жените Ромки треба да се усвојат до крајот на 2015 година.

ЕКРИ ги поздравува овие позитивни чекори во Република Македонија, но нагласува дека и покрај постигнатиот напредок, одредени прашања загрижуваат.

Кривичниот законик во земјата се уште не е целосно усогласен со Општата препорака бр. 7 на ЕКРИ за националното законодавство за борба против расизмот и расната дискриминација. Исто така, постојат празнини во одредбите од областа на граѓанското и управното право.

– Во канцеларијата на Народниот правобранител, веќе неколку години се упразнети 17 работни меса како резултат на стопирањето на вработувањата во јавниот сектор. Овој значителен недостаток на кадар влијае врз способноста на Народниот правобранител да ја извршува својата работа. Законот со кој се основа Комисијата за заштита од дискриминација не предвидува одредба за стручна служба како поддршка на Комисијата, со што се попречува делотворноста на нејзината работа, се вели во извештајот на ЕКРИ.

Етничките тензии помеѓу најголемите заедници, се додава, остануваат на високо ниво и расистичкиот говор на омраза е широко распространет проблем, кој во голема мера останува непроверен и создава атмосфера во која можат да се јават акти на расно насилство.

Понатаму, се потенцира дека нетолеранцијата спрема припадниците на ЛГБТ заедницата се наоѓа на загрижувачки високо ниво, а поттикнувањето на хомофобична/трансфобична омраза и насилство се зголемува и ефикасно не се спречува и казнува од страна на надлежните органи. Дополнително, припадниците на ЛГБТ заедницата често се изложени и на други облици на дискриминација и нетолеранција во нивниот секојдневен живот.

Состојбата на ромската заедница се уште е многу тешка, со висок степен на општествена-економска маргинализација, особено во областите на образование, вработување, домување и здравствена заштита. Неодамна, се истакнува, Ромите беа изложени на расно профилирање на граничните премини при нивите обиди да ја напуштат земјата.

Неколку верски заедници, особено од христијанско-православна вероисповед, се уште не можат да се регистрираат и покрај претходните препораки на ЕКРИ за решавање на ова прашање.

Во извештајот, ЕКРИ бара властите да преземат активности во бројни области и дава серија на препораки.

Сепрепорачува дека властите треба, генерално, да го усогласат Кривичниот законик и релевантните граѓанско-правни и управно-правни одредби со Општата препорака бр. 7 на ЕКРИ.

Понатаму, треба да ги пополнат упразнетите работни места во канцеларијата на Народниот правобранител како прв чекор кон обезбедување соодветна кадровска екипираност пропорционално на неговиот обем на работа. Во оваа смисла, власите исто така треба да обезбедат стручна служба која ќе обезбеди поддршка на Комисијата за заштита од дискриминација.

Властите на Македонија треба да поттикнуваат осуда на говорот на омраза и контра-говорот од страна на високи функционери и политичари. Сите политички партии во земјата треба да го осудат говорот на омраза и да ги повикаат нивните членови и следбеници да се воздржат од употреба на таков говор.

Од Македонија се бара да се прошират постоечките иницијативи за обука за расното и хомофобичното/трансфобичното насилство наменети за припадници на органите надлежни за спроведување на законот, односно полицијата и јавното обвинителство, како и за судството. Можните мотиви на пристрасност треба конзистентно да бидат наведени од страна на полицијата во кривичните пријави и при спроведување на истраги, како и последователно во судските постапки. За да се разреши проблемот на непријавување, властите треба да применат мерки за градење доверба со цел да се подобри односот помеѓу полицијата и ранливите групи, особено ЛГБТ заедницата.

ЕКРИ испраќа повик да се решат, без натамошно одлагање, прашањето за регистрација на верските малцински групи. Нивната регистрација, препорачуваат, не треба да се спречува со преголеми формалности.

Се бара да се обезбеди соодветна обука за граничната полиција со цел да ги извршува своите задачи без расно профилирање.

Властите треба да спроведат независно и сеопфатно истражување за сите облици на дискриминација на припадниците на ЛГБТ заедницата, заедно со таа заедница. Ова истражување, исто така, треба да отвори простор за изготвување и усвојување на акциски план за елиминирање на таквите облици на дискриминација.

Владата на Република Македонија дава свои коментари на Извештајот на ЕКРИ, кој е објавен со нејзина согласост.

ЕКРИ е независен орган на експерти на Советот на Европа.