Македонија

ЕКСКЛУЗИВНО: Нетпрес во Педион Ареос, најопасниот парк во Атина меѓу бездомниците, зависниците и мигрантите

ЕКСКЛУЗИВНО: Нетпрес во Педион Ареос, најопасниот парк во Атина меѓу бездомниците, зависниците и мигрантите
ЕКСКЛУЗИВНО: Нетпрес во Педион Ареос, најопасниот парк во Атина меѓу бездомниците, зависниците и мигрантите

Преполни плажи, луксузни домови, скапи автомобили, ова е сликата во југоисточниот дел на грчката престолнина кој што излегува на море. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, овде ништо не укажува на тоа дека земјата се наоѓа во петгодишна криза, која што избриша една четвртина од грчката економија.

Но, како и секоја криза, така и грчката, ги потенцира и продлабочува спротивностите во општеството. На само неколку километри од овде, во централното подрачје, се чини дека се влегува во друга сосема поинаква реалност.

2

 

Овој парк во центарот на Атина последнава година буквално е преплавен од бездомници, зависници од дрога и мигранти, а меѓу нив и деца

Овде во паркот Педион Ареос на секој чекор се наоѓа по една трагична животна приказна. Токму овде најдобро може да се увиди како изгледа животот на маргинализираните категории во период на криза. Најдобар пример за тоа е сликата на мали деца кои што живеат и си играат покрај искористените шприцови, додека зад дрвјата зависниците се дрогираат, а сексуалните работници даваат услуги.

sain

Шаин е мигрант од Иран кој што веќе 5 години живее на улиците на Атина, а последнава година е сместен токму во овој парк. Вели нема ниту документи, ниту дом, ниту работа, ниту пак пари, а ни призна и дека е зависник од тешки дроги.

– Имам толку многу проблеми, немам храна, немам вода, немам каде да се истуширам. Се е проблем. Сакам да одам во друга земја да се обидам да создадам живот, но не можам. Немам пасош, ниту пак пари за билет, вели Шаин.

НЕТПРЕС: Дали овде почнавте да користите дрога ?

Да. Овде дојдов за подобар живот, а не за ова. Спијам на улица, немам ништо, почнав да полудувам и затоа почнав да земам дрога. Хероин и таблети.

Манолис за себе вели дека е националист и член на Златна Зора, кој што во моментов е пуштен на викенд од затворот, каде што отслужува казна поради физички напад.

3

Веќе четири часа сум излезен од затворот и дојдов овде да го најдам брат ми. Тој е зависник од дрога и дојдов да го земам со мене. Иако не ми се допаѓаат овие чудни луѓе овде, сепак немам проблем со нив. Имам проблем тогаш кога на пример на улица ќе се обидат да ограбат некој старец. Инаку, јас навистина одев да се тепам, но лидерот на партијата тоа не го знаеше, вели Манолис.

Костас како зависник од хероин, е чест посетител на паркот. Но, за разлика од претходните соговорници, тој не живее ниту на улица, ниту е во затвор, иако има отслужено двегодишна затворска казна за три кражби. Живее во домот на својата мајка, а се издржуваат единствено од нејзината пензија.  Вели дека животот му се сменил на полошо откако ја изгубил работата како обезбедување.

4

Во 2010, некаде на почетокот на кризата, банката ми ја зеде куќата, а потоа го загубив и татко ми. Останав без работа и се заплеткав со дроги. Почнав да крадам, по што завршив во затвор на две години. Многу е тешко, никаде нема ниту работа ниту пари. Живеам со мајка ми со нејзината пензија од 600 евра, ни објаснува Коста.

Од почетокот на кризата во 2009 та до сега, бројот на бездомници во Грција е зголемен за околу 25 проценти. Наспроти лицата со проблематичен животен стил и навики, значителен дел од оваа новсоздадена сиромашна класа ја претставуваат едуцирани луѓе кои што преку ноќ ги загубиле работните места, а наскоро потоа и своите домови.