Експерти и бизнисмени очекуваат намалување на невработеноста

Зголемувањето на економијата оди рака под рака со падот на невработеноста. Лани стапката се спушти за точно 1% – од 28.6% на 27.6%. И експертите и стопанствениците очекуваат трендот да продолжи, анализира Алфа.

Невработеноста ќе продолжи да се намалува. Активните мерки на Агенцијата за вработување даваат резултат. Првиот човек на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, за Алфа вели дека со активните мерки за вработување, годинава ќе бидат опфатени над 16.000 луѓе, а вработување треба да добијат 8.200 лица.

И експертите и бизнисмените се оптимисти. Очекуваат натамошен трендот да продолжи. Растот на економијата во комбинација со активните мерки полека го решава најголемиот проблем.

– Се трудиме сите ние да ја победиме невработеноста. Убеден сум дека ќе биде препознаено затоа што 659 милиони денари ќе бидат вложени во субвенционирање на вработување и обуки, вели за Алфа Дарко Велков, од порталот “Вработување.ком”.

Освен директно намалување на невработеноста, експертите очекуваат активните мерки да придонесат за намалување на одливот на мозоци. Доколку најдат добра работа младите ќе останат во Македонија.

– Тоа влијае и на намалување на имиграционата стапка, знаеме дека младите ако не најдат работа својата среќа ја бараат на друго место, така што овие мерки се и во таа функција во насока на активација на домашната работна сила и користењето на домашните ресурси, вели за Алфа универзитетскиот професор, Јован Пејковски.

На крајот на 2013-та невработеноста изнесувала 28.6%, а на крајот на 2014-та се спуштила на 27.6%, што значи за една година се намалила за точно 1%.

Владиниот оперативен план предвидува до 2018-та невработеноста да се спушти од сегашните на 22%.

Бошков: Очекуваме трендот на намалување на невработеноста да продолжи

“Можноста да се коментира оваа вест е важна за нас, генерално има и се посочуваат повеќе причини за намалување на невработеноста. Една причина е вработување од јавната администрација, но исто така голема причина се активните мерки за вработување во моментов кои се реализираат, како и дел од инвестициите кои се реализираат директно придонесоа за намалување на стапката на невработеност. Одприлика според нашите анализи тоа е генерално причината, а во иднина очекуваме да продолжи ваквиот тренд на намалување на невработеноста, да биде уште по намалена. Свесноста на работниците, но и на компаниите е зголемена, а од друга страна и подоброто функционирање на трудовата инспекција во склоп на инспекцискиот совет си дава резултати, исто така виоските казни се добра причина, меѓутоа веќе она што е многу важно што самите работници стаануваат свесни. Тоа се должи исто така и на се поголемото разбирање на компаниите дека многу е подобро да ги пријават работниците, бидејќи сега системот дозволува многу брзо пријавување и одјавување, отколку да ризикуваат, работниците да бидат непријавени, а тоа можат да го остварат преку агенциите за привремено вработување и преку самата агенција за вработување“ вели за Лидер Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Креирани се преку 125.000 работни места

Тоа се резултатите на оваа Влада и на економскиот тим на Владата, изјави неодамна вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески

“Македонија со континуираните реформи, со подобрувањето на бизнис климата успеа да привлече голем број на компании, преку 30 компании кои што работат во слободните економски зони и индустриските зони, повеќе од 13 илјади работни места се креирани и дополнително очекуваме од 12 до 13 илјади нови работни места да бидат креирани во 20 до 25 нови, кои што веќе ја донеле одлуката да инвестираат во РМ. Сите овие економски резултати не би биле толку значајни ако немале одраз врз стандардот на луѓето и врз невработеноста. Во тој дел, во овие тешки години на криза, ние сепак успеавме да ја намалиме невработеноста од нивото кое ни го остави СДСМ во 2006 година 37 проценти, на 27,9 проценти, значи цели 10 процентни поени и креирани се преку 125.000 работни места. Тоа се резултатите на оваа Влада и на економскиот тим на Владата, рече Ставрески.

Активите мерки годинава ќе опфатат 16 000 невработени лица

Со новиот оперативен план за намалување на невработеноста во 2015-та година ќе бидат опфатени повеќе од 16 илјади невработени, се очекува да се отворат околу 8.200 работни места.

„Очекуваме со новиот оперативен план годинава директно да се вработат 8.200 невработени лица и тоа 3.200 луѓе преку активните мерки за вработување и 5.000 млади луѓе до 29 години со мерката за ослободување од плаќање придонеси за време на една година за приватните компании“ – изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија сметаат дека инфраструктурните проекти што се спороведуваат преку капиталните инвестиции, се една од причините за намалување на невработеноста на 27,6 проценти, а вработувањата не се само во градежништвото туку и во 20 други сектори кои учествуваат токму во овој сектор.

„Во континуитет 16 месеци имаме раст на индустриското производство. Тоа е дополнителен сигнал дека во иднина токму компаниите од индустријата ќе придонесат за дополнително зголемување на вработеноста во Македонија“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.

Невработеноста е на историски најниско ниво

Невработеноста е најголемиот економски проблем за граѓаните во Република Македонија. Затоа секоја економска мерка и политика е насочена кон решавање на овој проблем.

Според последните податоци, стапката на невработеност е намалена на 27,6%, што е историски најниско ниво и цели 10 процентни поени помалку од 38% колку што изнесуваше во 2006. Секако останува предизвикот да се отворат уште нови фабрики и работни места, но знаеме дека сме на добар пат и имаме резултати. Остануваме посветени на решавање на ова најгорливо прашање за нашите граѓани, напиша Ставрески на својот ФБ профил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.