Експерти: Јанева не е супермен, ама е кралица на незнаењето

По четири дена расправа за шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство во Комисијата за политички систем специјалната обвинителка Катица Јанева одлучи дека повеќе нема да доаѓа на комисиската расправа. Јанева се пожали дека пратениците и прават мобинг со прашањата за нејзината работа, за постапките кои ги води Специјалното обвинителство и за тоа како го троши буџетот од неколку милиони евра.

По одбивањето на Јанева да дава отчет, правните експерти велат специјалната обвинителка стана скандал-мајстор.

Професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановски вели Јанева со секојдневното покажување на елементарно непознавање на правото, но и на начинот како функционира македонскиот политички систем.

„Јанева е вистински уникум во секоја смисла. Жената како што вели ‘не е супермен’, ама затоа е кралица на незнаењето. Што може натаму да се очекува од функционер што нема ни срам ни перде да каже во Собрание ‘100 пати да ме прашате сто пати ќе ви одговорам дека нема да кажам каде ги потрошив парите’. Што може да се очекува од носител на јавна функција кој не е свесен за тежината на изречените зборови, за кривиччната одговорност во која самата се втурнува. Што да се каже за човек што буквално нема поим што е мобинг, а се вади од одговорност токму преку мобинг за да звучи ‘позападњачки’. Давањето отчет за потрошените народни пари не е ничија лична желботека. Тоа е обврска која произлегува од закон. Па и од ‘нејзиниот закон’, попознат како Закон за специјалното обвинителство. Добро би било нејзините советници да го прочитаат законот за финансиското работење на сите корисници на буџетски средства, посебно во делот на кривичната одговорност на службеното лице во случај на измама, или кога не постои поклопување на дадените со потрошените средства во финансискиот извештај. Да си го прочита и таа самата делот за финансиска инспекција и контрола над финансиското работење на органот. Постојат стриктни правила за контрола на финансиското работење кои ако не се почитуваат повлекуваат сериозна кривична одговорност за службеното лице. Одговорност која Јанева нема да може да ја заобиколи ако и натаму стои на ставот дека ‘нема да кажува’ каде ги потрошила парите“, вели професорката Каракамишева Јовановска.

Јанева полека но сигурно станува срам за високото правничко образование, но и срам за државата воопшто.

„Наместо да престане со упатување навреди кон пратениците дека се нелегитимни, и дека сите политички институции во државата се нелегитимни, таа се позасилено се поставува над се во земјата, над Устав, над закони, над Деловник за работа на Собранието, над се. Се однесува како да е повеќе од британска кралица, како да е наша безгрешна и за ништо неодговорна „Елизабета Втора Јанева“ која треба само да парадира во Собранието, и да се слика од сите страни со пратениците што и се по волја. Нашава „кралица“ се однесува кон пратениците толку надредено и арогантно небаре целиот систем, целата држава зависи само од неа. Народот има добра изрека за ваквите луѓе. Ем шути ем бодат. Ем на сериозна и одговорна позиција во системот, ем до коска неспособни, инфантилни и ступидни.

Своето неприсуство на седниците на Комисијата каде се разгледува токму нејзиниот извештај, Јанева го најави уште на седницата во петокот кога рече дека во текот на викендот има приватни обврски и нема да биде во Скопје, а за понеделникот објасни дека во Собранието ќе може да биде од 12 до 18 часот.

 

„Во вторник имам работа, мора да се спремам бидејќи во среда извештајот ќе го презентирам пред Советот на јавни обвинители, во четврток и петок ќе присуствувам на конференција на која ќе присуствуваат многу важни луѓе“, рече Јанева во петокот.

 

На укажувањето од претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев дека присуството на комисијата не е прашање на желба, туку дека специјалната обвинителка има законска обврска да биде присутна, Јанева одговори дека тоа е нејзин план и нема намера да отстапи од него.

 

За владејачкото мнозинство во парламентот, расправа по извештајот на СЈО без присуство на Јанева е неприфатливо, додека независните пратеници посочија дека токму Законот за специјално јавно обвинителство ја обврзува Јанева да присуствува во Собранието и да одговара на секое прашање во врска со нејзината работа. За опозицијата која застана на страната на Јанева нејзиното неприсуство не би требало да преставува проблем доколку испрати свој претставник.

 

Нова седница на Комисијата за политички систем е закажана за денеска напладне, но имајќи ја предвид најавата на Јанева дека нема да присуствува неизвесно е нејзиното одржување.