ЕКСПЕРТИ: Македонците заслужуват честитки за одбраната, терористите не ја постигнаа целта

Целта на кумановската група била да ја загрози безбедноста на институциите и да го заплаши населението, влевајќи му страв и несигурност, но не успеа да ја постигне целта. Македонците заслужуваат честитки за одбраната, смета експертската јавност по сузбивањето на терористичката група во Куманово.

– Целта на кумановската група била да ја загрози безбедноста на институциите и да го заплаши населението, влевајќи му страв и несигурност, но не успеа да ја постигне целта – вели вое­ниот аналитичар Благоја Марковски во изјава за Нова Македонија.

Според неговите кажувања, кумановската група е класичен пример на урбана терористичка формација, со строга хиерархија, која имала поддршка од локални јатаци, а не од локалното население. Ова го констатира водејќи се од фактот на презентираните снимки од теренот каде што се водеше акцијата за неутрализирање на терористите. Марковски смета дека безбедносните сили и нивната тактичка поставеност дале можност терористите да се одржат толку часови пред да биде разбиена, оти пред почетокот на акцијата не презеле доволно мерки за евакуација на населението и концентрирање на воената акција во многу потесен урбан периметар.

– Жестокиот отпор на групата се должи и на тоа што терористите биле добро вооружени, но пресудно било користењето на оружјето, оти станува збор за терористи што активно учествувале во неколку оружени конфликти во изминатите децении – додава Марковски.

За официјалните информации дека групата имала силни фортификациски позиции и неограничен ресурс на најразновидна муниција, аналитичарот смета дека тие само успешно ги искористиле постојните урбани градби за своја одбрана и оти интензитетот на престрелките дозволувал да возвраќаат на огнот долго време и со средно лимитирани борбени ресурси.

Хаџи-Јанев: Терористите биле искусни, можеле и легално да влезат во земјата

Ве уверувам дека сосема е можно терористите да се влезени легално на граничен премин во земјава. Македонија е отворена држава, а границата секојдневно ја преминуваат голем број лица – истакнува универзитетскиот професор и војник Методи Хаџи-Јанев во анализата на Нова Македонија

Универзитетскиот професор и војник Методи Хаџи-Јанев на прашањето колку куршуми следуваат по борец во воени услови за престрелка подолга од 20 часа истакнува дека утврдувањето на бројот на муниција по војник или борец зависи од неколку параметри.

Според професорот, многу битни фактори во одгатнување на ова прашање поврзано со случувањата во Куманово се времетраењето на акцијата и ефективната контрола на територијата на поширокиот и потесниот реон на оперирање, заедно со теренот и со сите негови карактеристики, фортификациската утврденост на непријателот и неговите борбени способности во секој поглед (обученост, опременост, морал и мотив).

– Калибарот е нешто сосема друго и тој, генерално, се одредува во согласност со дополнителните процени што се поврзани за остварување на целите на мисијата, задачата, во согласност со политичката ситуација и со правото, и секако оперативната подготвеност за да се изведат соодветни операции – вели Хаџи-Јанев.

Според професорот, начелно, според конвенционалните параметри на случувањата, мерката за вакви услови е 3-5 борбени комплети, или максимално 750 куршуми по војник или борец (еден борбен комплет има 150 куршуми).

Сепак, тој истакнува дека овие параметри се дизајнирани за конвенционално војување, а оваа бројка варира и е значително зголемена поради подобрените карактеристики на заштитните параметри во војувањето, како и поради фортификациската издржливост на оперативната средина.

НАЈМАЛКУ 50 ТЕРОРИСТИ

Хаџи-Јанев за делот со претпоставка за бројната состојба на терен на групата што учествуваше во случувањата мисли дека станува збор за група што има најмалку педесетина лица.

– Сепак, она што морам да кажам е дека ова се вооружени лица. Јатаците допрва треба да се идентифицираат, и тоа ќе го строи истрагата. Во овој контекст постои сериозна можност многу лесно вооружените припадници да се стопиле со цивилите пред непосредното опкружување. Тоа значи дека бројката, според овие информации, барем што сега ги имаме, претпоставувам дека е поголема за 10-20 припадници – објаснува професорот.

МОЖЕЛЕ И ЛЕГАЛНО  ДА ВЛЕЗАТ ВО ЗЕМЈАТА

Хаџи-Јанев тврди дека е тешко да се одговори на кој начин напаѓачите влегле во земјата и колку време им било потребно за да стигнат и да се утврдат во кумановската населба.

– Ве уверувам дека сосема е можно терористите да се влезени легално на граничен премин во земјава. Македонија е отворена држава, а границата секојдневно ја преминуваат голем број лица – истакнува Хаџи-Јанев.

Тој истакнува дека дополнително, и да имало сомневање за некој дека е „проблематичен“, безбедносните службите можеле само да го следат и не би можеле да го уапсат без доволно докази.

ТЕРОРИСТИТЕ ИМАЛЕ ПЛАН ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ

рофесорот, кој е инаку ветеран од безбедносната криза во 2001-та, смета дека терористите апсолутно имале план за повлекување од жариштето во кумановската населба доколку имале шанса да го спроведат.

– Една од причините поради кои е избрана оваа населба е што е лесно маневрабилна, значи за алтернативно извлекување – вели тој.

Според него, дополнително во прилог на оваа теза одат и информациите дека тие биле изнеадени бидејќи на терен влегла полицијата.

– Ваквата местоположба поради сложеноста на структурата на теренот (ширина на улиците, неправилни градби и сл.) создава дополнителен проблем за планирање и за дејствување. Таа е тешка за маневар и во голема мера ја инхибира моќта на напаѓачот и создава предност за бранителот (терористите што се криеја во објектите) – резимира соговорникот.

Професор Зоран Драгишиќ: Македонците заслужуваат честитки за одбраната

Професорот по безбедносен менаџмент истакнува и дека терористите мислеле дека заради политичката нестабилност ќе ја фатат македонската држава “на спиење”, но дека се излажале.

-Прашање е дали ова беше изолиран терористички напад или дел од некоја поширока акција. Постојат неколку хипотези кои се провлекуваат овие денови. Првата е дека терористите процениле дека ова е идеален момент да извршат терористички напад заради нестабилната политичка состојба во Македонија, па се обиделе да ги фатат “на спиење” безбедносните сили. Очекувале дека Македонија не е спремна да им се спротивстави, но Македонците заслужуваат честитки за одбраната, вели професорот Драгишиќ за Правда.

Драгишиќ додава дека според добиените прелиминарни податоци, се работело за поголема група на терористи кои имале цел за извршување на напади на цели низ цела Македонија.