Експерти: Прислушуваните снимки на Ердоган биле монтирани

Снимките од прислушкуваните разговори на сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган биле монтирани, покажува експертскиот извештај што му е предаден на судот, соопшти весникот „Хуриет дејли њуз“, пренесува МИА.

Извештајот, што е вклучен во обвинителниот акт за предметот прислушкување, конкретно ја оценува снимката на разговорот меѓу Ердоган, тогаш во својство на премиер на Турција, и неговиот син Билал Ердоган. Според извештајот, посочената снимка била составена од различни извори, пренесува БТА.

Конкретно, зборовите од кои изгледа дека Ердоган му дава инструкции на својот син од нивниот дом да изнесе поголема сума пари, се компилација од пет делови на различни изјави, се тврди во извештајот.

Станува збор за снимка на разговор, во кој лице, претставено како тогашниот турски премиер, го моли својот соговорник (се претпоставува дека станува збор за Билал Ердоган) меѓу роднините да распредели сума од 30 милиони евра, што се наоѓале во куќата.

-Билал, извади ги од дома сите пари, препорачува гласот на снимката, што му се припишува на сегашниот претседател.

Во извештајот на експертите се тврди дека гласот на Сумеје Ердоган, ќерката на претседателот, била додадена како фон на разговорот за да се добие поголема автентичност, но на самата снимка таа звучи неприродно.

Според експертскиот заклучок, нужна е специјализирана анализа на
автентичноста на гласовите од снимката.

Разговорот од аудиоснимката беше објавен на Интернет на почетокот на минатата година, и во него се тврдеше дека тој бил одржан неколку часа по првата полициска операција на 17 декември 2013 година, кога беа уапсени десетици лица со блиски конекции во Владата на Ердоган.

Власта оваа антикорупциска истрага ја објаснија како дел од заговор за соборување на Владата, што бил испланиран од кругови околу исламскиот проповедник Фетула Ѓулен во полицијата и судскиот систем.