Експертите едногласни: Во Брисел нема да се случи Чудо

„Не можеме да очекуваме никакво чудо во Брисел, бидејќи разликите се огромни и во суштина е позитивно само тоа што двете делегации  се срекаваат, но срамно е што мора да се оди во Брисел и таму туѓи претставници да ги мират нашите војни“, оценува долгогодишниот дипломат  и аналитичар Ристо Никовски после втората рунда разговори на претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ заедно со тројцата медијатори, Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан.

risto

Тој смета дека Европа прави напори да помогне бидејќи гледа дека сме „некадарни да најдеме излез“, но, дека реално таа неможе ништо да ни наматне. Никовски потенцира дека уште долго врме ќе бидеме во тој маѓепсан круг од кои секој од нас сака што побрзо да излезе затоа што СДСМ поставува нереални  и невозможни барања.

– Нема никаква причина позицијата да прифати дека изборите од минатата година биле нелегални, опозицијата  исто така поставува услови и со така наречена „техничка влада“, позицијата нема никаква основа такво нешто да прифати, се наоѓаме во еден ќорсокак во кои уште долго време ќе се вртиме се додека опозоицијата не сфати дека го бара невозможното, а како што тргнала никогаш тоа нема да го сфати. Таа ќе продолжи да пука бомби како до сега без никаков ефект, Владата ќе си ја работи својата работа, посочува Никовски.

Тој смета дека во целина треба да се направат напори  да го напуштиме меѓународното медијаторство, политичарите да направат обид да седнат и да се разговарат дома и покрај тоа што епилогот од таквата комуникација е извесен. Според неговата проценка ваквата состојба ќе потрае подолго, но на крајот работите „ќе си легнат на брашно“, со тоа што самата власта ќе преземе одредени чекори и ќе направи евентуално мала рекострукција на Владата која ќе продолжи да фунционира до истекот на нејзиниот мандатат.

Дека домашните проблеми, без разлика на нивната природа, или област каде се лоцирани, треба да си ги решаваме дома и во рамките на институциите на системот, со сопствени ресурси и со расположливите домашни капацитети потенцира и универзитетскиот професор Тања Каракамишева.

kara

-Република Македонија и ние како граѓани на нашата татковина, со ништо не сме не заслужиле да бидеме третирани како малолетно дете на кое по дефиниција му се одредува некаков старател кој треба да се грижи за неговите потреби. Тоа, во најмала рака, е потценувачки однос кон својата земја и кон капацитетите на политичките партии и на граѓаните. Дополнително што од секое странско посредување на сите досегашни проблеми Македонија не успеја да добие нешто плус во политичка и во економска смисла, туку само минуси. Оттука, постојаното инсистирање за странска медијација во процесот на надминување на вештачки создадената политичка криза во Македонија мене ми се гледа како последна сламка на давеникот, при што давеници се само неколкумина од опозицијата, а не целиот народ. Фактички во име на граѓанската солидарност за спас на неколку истрошени политички фигури, Македонија се подвргнува на „оперативен зафат“ кој не и е неопходно потребен, вели Каракмишева.

Таа посочува дека Македонија со странско посредство е принудена  да срочува некакви „компромисни решенија“ кои во основа нема да произлезат од волјата на граѓаните, туку од дрско наметната волја на неколкумина политичари-кариеристи.  На тој начин  Република Македонија  повторно губи како во делот на нејзиниот меѓународен углед и меѓународна позиција, така и во делот на градењето самодоверба меѓу македонските граѓани дека можеме и знаеме како и кога да изнаоѓаме решенија за нашите проблеми.

– Менторството од надвор не оди во прилог на тезата дека сме самостојна, независна и суверена држава која знае и умее да се носи со сите проблеми и која успешно може да ги менаџира своите проблеми. А ако ние самите сметаме дека не можеме и не знаеме да ги решаваме проблемите, какви и да се, тогаш кој од надвор да верува во нашите способности, и во нашите квалитети како држава и како граѓани. Странците ќе дојдат и ќе се одат. Не се сомневам дека ќе најдат некакво решение кое тие ќе го наречат политички компромис, а всушност, нема да биде вистински политички компромис туку политичка уцена врз владејачката структура, а со тоа индиректно политичка уцена врз мнозинството граѓани кои на избори ја дале својата доверба токму на таа структура. И повторно се вртиме во истиот круг. Каква и да е политичката формула на компромисот со странско влијание на крајот на денот граѓаните пак треба да одлучат кого, која партија ја ценат и ја сакаат да им биде власт во земјата, подвлекува Каракмишева.

Според нејзините проценки  што и да се одлучи со странското посредништво проблемот кој несомнено го има опозицијата со граѓаните нема да се реши на „вештачки“ начин, туку ќе мора да се почитуваат основните правила на демократската игра. А тие се, „ако сакаш да дојдеш на власт, повели на избори, со конкретна програма и со конкретни понуди избори се за граѓанската доверба“. Странците и да сакаат не го даваат легитимитетот на власта. За легитимитетот треба да се избориш сам, со многу посветеност, со многу работа и со нудење на излезни решенија во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Тоа опозицијата го нема, а реално и никогаш го немала.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.