Експертите препорачуваат нов закон за заштита на потрошувачите

Експертите велат дека неопходно е донесување на нов закон за заштита на потрошувачите зошто постојниот, во кој неколку пати се интервенираше, многу тешко се следи.

Како што рече професорката Јадранка Дабовиќ – Анастасовска на денешната работилница што ја организира Организацијата на потрошувачи (ОПМ), нов закон треба да се донесе и заради имплементирање на најновата европска легислатива, особено последните директиви – за договорите на далечина и за алтернативното решавање на споровите, преку медијација наместо судски.

– Судска разврска најчесто се бара за потрошувачките кредити, но и за туристичките аранжмани. Се сведуваат на индивидуални тужења кога потрошувачите не се задоволни од услугата што им била дадена. Сепак, многу е битно да се засили и нивната свест, порача Дабовиќ Анастасовска.

ОПМ цени дека и покрај работата на инспекциите, има потреба од институционално јакнење за заштита на потрошувачите особено преку вклучување и на општините во овој домен.

Град Скопје веќе формира Совет за заштита на потрошувачите како работно тело. Брои 10 членови од јавни претпријатија, Државниот пазарен инспекторат, невладини организации, стопански комори,…

– Најмногу поплаки од граѓаните има за напишаното со мали букви во договорите што ги склучуваат со телефонските оператори, како и во однос на несовпаѓањето на нивните рекламни материјали со конкретната понуда, истакна Марјан Додовски, претседател на Советот.