Македонија

Експертите сметаат дека Заев треба да биде суден за велепредавство

Експертите сметаат дека Заев треба да биде суден за велепредавство

Експертската јавност смeта дека лидерот на СДСМ Зоран Заев треба да биде суден за велепредавство. Според нив, кривичните пријави против лицата инволвирани во акцијата „Пуч“, а посебно кривичната пријава против Заев, треба да бидат проширени за најмалку уште едно казниво дело, согласно Казнениот законик на Република Македонија, објави Курир.

Според експертите, ако добро се анализираат наводите и информациите изнесени на вчерашната прес-конференција од страна на претседателот на Владата, но и информациите од прес-конференцијата одржана во СДСМ, постои издржана правна можност на кривичната пријава да се надодаде и основаното сомневање за сторено казниво дело Велепредавство.

-Имено, во чл.305 од Казнениот законик на РМ на јасен и недвосмислен начин се вели дека „Тој што со употреба на сила, или сериозна закана ќе се обиде да го смени уставниот поредок на РМ, или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години“.  Оттука, ова дело ги сочинува сите активности, информации и дејствија, кои се искористени во форма на упатена сериозна закана 1. за смена на уставниот поредок на РМ или 2. за соборување на највисоките државни органи. , смета универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска.

Според неа, во оваа смисла, уставниот поредок на Македонија не треба да се разгледува само од формално-правна смисла, како што тоа го прават некои опозициски експерти, обидувајќи се да ја релативизираат тежината на поднесените кривични пријави, туку во материјално-правна смисла, согласно која уставниот поредок е директно поврзан со носителите на власта, односно со лицата, кои ја извршуваат власта во РМ, а кои граѓаните на РМ ги избрале на демократски и непосредни избори.

-Оттука, секое дејствие, или секоја активност која индицира сериозна закана за соборување на највисоките државни органи, односно на носителите на власта во државните органи, без разлика дали станува збор за претседател на Републиката, претседател на Владата,претседател на Собранието на РМ, на Врховниот суд, на Уставниот суд, итн. претставува  сериозно сомнение за сторување на ова казниво дело.  Дотолку повеќе што двете дела на кои е заснована кривичната пријава, конкретно чл. 311, Насилство спрема претставниците на највисоките државните органи, и чл. 316, казнивото дело Шпионажа, се во тесна корелација со потешкото казниво дело Велепредавство, смета Каракамишева-Јовановска.

При тоа, како што додава таа, како отежнителна околност на Акцијата „Пуч“, е дека за споменатото казниво дело (велепредавството) нема разлика дали сериозната закана е поврзана со доставување одредени информации, и податоци добиени од странска разузнавачка служба, или од домашна разузнавачка служба.

-Суштината на казнивото дело е дека со таквите информации кои ги поседува можниот сторител на казнивото дело, тој/тие  има/ат сериозна намера, односно  умисла да ги соборат највисоките државни органи, и со тоа да ја соборат и народната/избирачката волја изразена на демократски организирани избори, смета универзитетската професорка.

Ова дело е засилено и дополнително поткрепено со уште многу факти и информации кои во последниве девет месеци, посебно по завршувањето на предвремените парламентарни и претседателските избори, во континуитет беа изнесувани во јавноста од страна на опозицијата. Самото непризнавање на изборните резултати од страна на опозицијата, вели Каракамишева, без прифаќање евентуалните изборни нерегуларности да се решаваат по институционален пат, непризнавањето на изборот на претседателот на Републиката повторно без никакво спорење на изборните резултати по судски пат, неучеството во работата на Собранието, односно неприфаќањето на парламентарните мандати добиени од граѓаните на РМ, создавањето на претстава дека во РМ постои државна и политичка криза, наметната токму од опозицијата и нејзиното сценарио за рушење на кредибилитетот и легитимитетот на политичките институции, кои како постапки силно му нанесуваат штета на угледот на државата, како и на достоинството на македонските граѓани,  се само дел од активностите и дејствијата кои одат во прилог на допрецизирањето на кривичната пријава.

Таа заклучува дека овие и вакви преседани во македонската политика мора да бидат навремено пресретнати и соодветно казнети со цел истите да не добијат сила да станат политичко секојдневие и политичка пракса, опасно за сите.

фото: Курир