Експертите категорични: Брзата храна го зголемува ризикот од карцином

Брзата храна (junk food) во научната терминологија се нарекува храна со висока содржина на сол, шеќер и масти. Доколку во определена храна има покачена содржина на сол, шеќер или масти, таа храна е со зголемен ризик првично од хронични незаразни болести ,вклучувајќи го ракот, како и кардиоваскуларните болести, дијабетес тип 2, покачените маснотии, порача д-р Игор Спироски, експерт за исхрана во Институтот за јавно здравје, во неговото гостување во емисијата „Здравје” на Радио Слободна Македонија во контекст на вчерашното одбележување на меѓународниот ден на борба против ракот.

-Јадењето таква храна го зголемува ризикот од сите тие болести, вклучувајќи го и ракот, додека со вообичаена, умерена исхрана, односно со умерено конзумирање од повеќе категории храна (жита, леб, компир, тестенини, овошје и зеленчук, месо и месни производи, млеко и млечни производи), ризикот ни е далеку помал, категоричен е д-р Спироски.

Тој истакнува дека ризикот од рак поврзан со исхраната е предмет на повеќе светски студии, кои најчесто опфаќаат многу голем број на испитаници и се следени во подолг временски период, така што нивното значење и нивната научна вредност се многу големи.

јадењето црвено месо е поврзано и со рак на простата и со рак на панкреас
Јадењето црвено месо е поврзано и со рак на простата и со рак на панкреас, вели др. Игор Спироки

-Кон крајот на минатата година, Агенцијата на Светската здравствена организација (СЗО) за истражување на рак со седиште во Лион – Франција, објави истражување со кое го квантификуваше ризикот од рак поврзан со исхрана. Истражувањето покажува дека јадењето црвено месо и месни преработки е поврзано со одредени типови на карцином. Кај месните преработки тоа значи дека ако јадеме 50 грама месни преработки дневно, ризикот од колоректален карцином со голема веројатност ни е зголемен. Кај црвеното месо ризикот е малку помал, односно со конзумирање 100 грама дневно црвено месо за околу 17% се зголемува ризикот од рак на целиот гастроинтестинален систем, односно системот за варење на храната, истакна д-р Спироски.

Тој додава јадењето црвено месо е поврзано и со рак на простата и со рак на панкреас.

-Ризикот е голем ако секојдневно конзумираме таков вид храна. Треба да ги искористиме продуктите што ги имаме кај нас, квалитетното овошје и зеленчук со кои располага Македонија, квалитетните жита, кои овозможуваат доволна количина на диететски влакна кои го заштитуваат системот за варење од оштетувања, а дополнително, значајна е умереноста и разновидноста во исхраната, порачува д-р Спироски, експерт за исхрана во ИЈЗ.