Експлозија во близина на турската граница со Сирија

Две лица се ранети денеска при експлозија на бомба кај полициски пункт во турскиот град Суруч, што се наоѓа во близина на границата со Сирија, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Според гувернерот на окригот Шанљурфа, во кој се наоѓа Суруч, бомбата била поставена во еден контејнер за смет, близу до полицискиот пункт.

При експлозијата се повредени еден полицаец и еден случаен минувач-цивил, кои веднаш се пренесени во болница. Претставник на болницата соопшти дека тие имаат полесни повреди и дека се вон животна опасност.

Досега никој не презеде одговорност за поставувањето на експлозивната направа.

Суруч се наоѓа на околу 15 километри од сирискиот град Кобане, каде се водат борби меѓу локалните курдски сили и припадници на џихадистичката група Исламска држава.