Експлозија во исламски центар на северот од САД

Експлозија одекнала во саботата во близина на објектот на исламскиот центар во градот Блумингтон, во северната американска сојузна држава Минесота, јави телевизискиот канал CBS.

Според телевизијата во моментов во зградата на религиозниот центар има пожар, и над него се извива столб од чад кој може да се види од далеку. Како што се истакнува во прилогот, може да станува збор за обид да биде подметнат пожар.

„Полицијата работи на местото на настанот, од каде што дојде информацијата за експлозија. Нема настрадани“, се наведува во соопштението на локалната полиција објавена на Twitter.

Полицијата, исто така, истакнува дека во истрагата за овој инцидент веднаш се вклучиле агенти на Федералното биро за истраги (FBI).

На местото на експлозијата се ангажирани и припадници на службите за спасување и пожарникари, покажуваат телевизиските инсерти.

Според сознанијата на CBS, за секоја информација којашто ќе доведе до разјаснување и откривање на сторителите на овој инцидент одредена е награда од 10.000 долари.