„Експрес“: Јахјага прво ќе му даде мандат на Тачи

Уставниот суд на Косово по барање на претседателката Атифете Јахјага денеска донесе одлука за тоа кому треба да му го даде мандатот за формирање нова влада, објави приштинскиот весник „Експрес“.

Со тоа највисоката судска инстанца ја отстрани дилемата дали тоа треба да биде партијата која освоила најмногу гласови на изборите или на постизборна коалиција која има мнозинство пратеници.

Според одлуката, претседателката Јахјага најпрво мандатот треба да му го даде на лидерот на Демократската партија на Косово и премиер во заминување, Хашим Тачи, чија партија на вонредните парламентарни одржани на осми јуни освои 37 пратенички места, од вкупно 120 колку што брои пратеници парламентот.

– Доколку во рок од 15 дена не биде формирана влада, претседателката почнува консултации со политичка партија која има најмногу гласови по Демократската партија на Косово. Според ова, тоа би бил Рамуш Харадинја, лидер на Алијасата за иднината на Косово како кандидат за премиер на постизборната коалиција на неговата партија со Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа и со Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај.

Оваа коалиција ја има поддршката и од Движењето Самоопределување на Албин Курти. Партијата на Мустафа на изборите освои 30 пратенички места, на Лимај шест, на Харадинај 11, додека на Курти 16 пратенички места. По изборите тие се диговорија да формираат влада на чело со Харадинај, а Мустафа да биде претседател на Парламентот.