Експрес: Во косовска акција падна и македонски доктор, Петровски бил акционер во болницата „Еда“

Деветмина службеници од косовското Министерство за здравство, од болници и приватни клиники, меѓу кои и лекари, вчера беа уапсени поради злоупотреба на должноста, пренесе косовскиот весник „Коха диторе“.

Акцијата е спроведена во Приштина и во Пеќ, а косовските медиуми по само неколку часа ги објавија и имињата на уапсените. Освен Косовците, на листата се наоѓаше и името на македонскиот кардиолог Борче Петровски, за кого косовски „Експрес“ пишува дека е еден од акционерите во болницата за срцеви заболувања „Еда“ во Ветерник.

Специјалното обвинителство на Косово, во врска со овој случај во јуни годинава издало одлука за започнување на истрага против12 лица. За нив постои основан сомнеж дека ја злоупотребиле службената позиција, потпишувајќи договори за соработка за обезбедување на здравствени услуги, кои не се нудат во јавните здравствени институции, со приватните болници: „Интернешенел Медисин Хоспитал“ и ИНТЕРМЕД, со седишта во Приштина, без воопшто да распишат тендер. На овој начин обвинетите им овозможиле материјална добивка на болниците плаќајќи им од буџетот на Министерството за здравство, како договорен орган, за трошоците за пациентите кои од јавните здравствени институции во овие приватни болници.

Исто така, наместо 70 отсто од сумата за третирање надвор од здравствените институции, плаќале 100 отсто од трошоците, опфаќајќи ја тука и коронарографијата, која се врши и во Универзитетскиот клинички центар на Косово. Некои од обвинетите земале мито од двете приватни клиники, кои пак, плаќале за да пациентите бидат праќани кај нив. Една од овие болници воопшто немала лиценца и лекарите кои работеле во неа немаат лиценца за вршење на лекарски интервенции на срце, кои сепак ги вршеле, појаснува косовска „Коха диторе“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.