Екстерно тестирани денеска 8.114 ученици во 34 општини

Согласно акцискиот план и предвидената динамика, процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците од завршните години (трета и четврта) во средните училишта, денеска опфати 8.114 ученици во 34 општини во Република Македонија.

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците целосно и успешно заврши во средните училишта во Берово, Богданци, Валандово, Виница, Гевгелија, Демир Хисар, Делчево Кратово, Крива Паланка, Крушево, Велес, Радовиш, Прилеп, Битола, Штип, Кавадарци, Кочани, Охрид, Струга, Маврово – Ростуше, Македонска Каменица, Македонски Брод, Липково, Неготино, Пробиштип, Ресен, Свети Николе и Центар Жупа, како и во сите средни училишта на територијата на Град Скопје.

Во општина Струмица процесот се реализираше во СОУ “Јане Сандански“ и СОУ “Никола Карев“, со исклучок на СОУ “Димитар Влахов“. Делумна е реализацијата и во средните училишта во општините Тетово, Гостивар, Кичево и во Куманово, каде во СТУ “Наце Буѓони“ по вчерашниот бојкот, денес процесот се реализираше непречено. Дебар и натаму е единствената општина, кадешто процесот воопшто не се реализира.

Тестирањето се одвива од 26 јануари, според распоредите објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, а ќе се реализира заклучно со 30 јануари.