Македонија

Екстерното тестирање тече без никаков проблем

Екстерното тестирање тече без никаков проблем

Екстерното тестирање на матурантите од гимназиско, стручно или уметничко образование по првиот од двата предмета од полагањето денеска тече без проблеми во сите  опфатени 96 средни училишта во Македонија, изјави заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири по посетата на средното „Зеф Љуш Марку“ во Скопје.

Почетокот бил навреме, во 9,30 часот, само во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово  со задоцнување од еден час зашто во просториите на Државниот универзитет во Тетово немало интернет.

„Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар се подготвени со техничка професионална помош, со набљудувачи-тестатори и евентуално ако се појави некој проблем нашите стручни тимови ќе  реагираат, но досега немаме пријави. Брзо се решаваат и прашањата што укажува дека се подготвени и учениците и наставниците. Со ова екстерно тестирање се опфатени 20.000 ученици, околу 2.900 наставници, а се полагаат 1.524 предмети и вкупно 60.000 прашања“, рече Незири за тестирањето по првиот предмет од  екстерното тестирање кое трае еден час.

Сите евентуални проблеми треба да ги забележат и да ги пријават во Министерството за образование и наука за тоа да реагира и да не биде оштетен ниту еден ученик.

Матурантите  годинава првпат ќе полагаат екстерно, бидејќи нивните врсници минатата година беа изземени од овој процес, и ќе бидат први на годинашното тестирање (2013/2014) бидејќи во јуни ќе имаат обврски за полагањето на државната матура. Сите други ученици, од трето одделение до трета година средно, екстерно ќе бидат тестирани на крајот на учебната година.

Министерството за образование и наука креираше систем во кој за матурантите пред тестирањето беа достапни сите прашања за сите предмети од сите видови образование. Бројот на прашања на тестот зависи од тоа колку е предметот  застапен неделно во наставата, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, просечно ќе има околу сто прашања.