ЕКСТРА МЕИН: Во нашите производи нема листерија!

По вчерашната информација дека бактеријата листерија е пронајдена во производ од месната индустрија ”Екстра Меин” од Куманово, од компанијата одговорно тврдат дека од почетокот на годинава, според редовниот план за мострирање, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови (69 од машини и работни површини и 43 од работници). Сите добиени резултати се нагативни на присуство на каква било бактерија.

”Не е можно од нашата компанија да излезе термички необработен производ. Сите производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што загарнатирано ја уништува бактеријата листеријаж. Дополнително, компанијата подлежи на константни контроли на квалитетот на производите и го има имплементирано и спроведува HACCP системот за контрола на квалитет. Поседуваме редовен план за мостирање на готов производ, согласно со законските прописи, редовен план за земање на брисеви, како и сопствен систем за контрола со помош на уред кој детектира присуство на органска материја. Трите вонредни контроли во нашата фабрика во изминатите десет дена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство на целокупната HACCP документација и хигиенотехничките норми во објектот не покажаа никакви неправилности. Сите земени брисови и мостри од Екстра Меин се негативни”, изјавија од компанијата, од каде што и најавија дека ќе побараат суперанализа од Агенцијата за храна и ветеринарство за наведениот производ, во реномирана светска институција, како на изолат, така и на типизација.

Менаџментот на Екстра Меин посочува и на фактот дека мострата со бактеријата е пронајдена во производите во малопродажен објект, за кој компанијата не може да гарантира на кој начин биле чувани производите, дали била можна девакумација на истите и дали во тој случај тие дошле во контакт со други производи кои ја содржеле бактеријата.
”Ние како компанија ќе ги почитуваме препораките на АХВ и Министерството за здравство и активно ќе соработуваме со нив се до откривање на вистинскиот причинител на болеста. Стоиме на располагање на сите заинтересирани страни да им дадеме увид во комплетната документација, се со цел да се уверат во транспарентното работење на нашата компанија”, додаваат од Екстра Меин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.