„Екстра меин“: Методата за генотипизација не е акредитирана

По  објавата на министерот за здравство, Никола Тодоров, дека  листерија што е пронајдена во свинскиот врат од „Екстра меин“ е изворот на  заразата од оваа бактерија која однесе пет жртви,  посочената компанија упати отворено писмо до министерот.

„Министре Никола Тодоров директно Ве прашуваме дали знаете дека методот за утврдување на генотипизација не е акредитиран од страна на Институт за акредитација и со тоа се побиваат сите обвинувања дека има листерија во сечканиот врат на „Екстра Меин“? Акредитацијата се спроведува на барање на  лабораторијата и значи проверена и потврдена компетентност од трета независна страна што во нашава земја го врши Институт за акредитација на Република Македонија (ИАРМ). Методата за генотипизација не е акредитирана. Ова  стои во доставата на информација до нашата компанија од страна на Институт за акредитација на Република Македонија. Исто така, министре дали го прочитавте извештајот од извршениот надзор на 6 јули од страна на д-р Флорентина Шурбевска и нејзиниот тим во фабриката на „Екстра Меин“ во Куманово, која направила увид без присуство на санитарен здравствен инспектор и без направен записник до субјектот на надзор. Иако во документот Шурбевска информира дека имало присуство на инспектори, а подоцна да потенцира дека не присуствувале на увидот и сама се фаќа во лага. Брисевите и мострите кои ги земала при извршениот увид, се негативни на присуство на листерија. За на крај апсурдот да биде поголем, Шурбевска во извештајот до Министерството за здравство наведува дека не ја исклучува можноста при транспорт и одмрзнување на примероците да извршиле “загадување“ со споменатата бактерија, со тоа што истакнува дека не носеле соодветна опрема за транспорт на земените мостри.
За суровините земени за анализа од „Екстра Меин“, за кои Вие велите дека се позитивни, ние поседуваме резултати од две акредитирани лаборатории, каде што истите се негативни на присуство на листерија. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на резултатите произлезени од лабораторијата, како и тврдењето од денеска дека не е возможно при транспорт да се контаминира производот. Возможно е и не само при транспорт, туку и при несоодветно чување и манипулација во продавниците и во домашните услови.
Дискутабилно, како и примерокот од Прилеп, со непознато потекло, отворен и неотворен чуван во услови за кои не знаеме какви се. За овој примерок директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство веќе се изјасни дека не е релевантен. Ако не е релевантен зошто е предмет на испитување? Дали тоа значи дека секој дома што се сомнева за неисправен производ може во секое време да повика инспекција? Министре, Вие во вестите на Сител телевизија изјавивте дека сите заболени од листерија, јаделе од производите на „Екстра Меин“. Тогаш, јавно ве прашуваме дали ја имате прочитано информацијата од ЈЗУ Инстутот за јавно здравје на Република Македонија за пријавени заразни заболувања предизвикани од листерија заклучно со датум 16 јули 2014 година?
Потенцираме и бараме од сите инволвирани институции јасно и гласно да ја известат јавноста каде е листеријата. Само едно знаеме, нема листерија во производите на Екстра Меин“, се вели  во писмото од компанијата.