Македонија,Крими хроника

Екстрадиран уапсениот велешанец кој тргувал со дрога

Екстрадиран уапсениот велешанец кој тргувал со дрога

Четириесет и тригодишниот Павле М. од Велес по кого беше распишана меѓународна потерница подолго време, вчера беше екстрадиран во земјава.

Тој подолго време бил предмет на неколку истраги против недозволена трговија со дрога и организиран меѓународен криминал.

Во текот на 2012 година разбиена е меѓународна криминална група составена од македонски државјани која се занимавала со организирање на транспорт на хероин на релација Македонија – до земјите од западна Европа со крајна дестинација – Шпанија, при што на 31. март 2012 година на ГП Богородица беа запленети 2,460 килограма хероин и беше поднесена кривична пријава против 8 членови на групата.

Во рамките на оваа група Павле бил еден од организаторите на  транспортот на хероинот за што му е поднесена кривична пријава и во отсуство на  29. април 2013  година е осуден на казна затвор во траење од 10 години.

По бегството од земјава тој беше  недостапен за органите на прогон за што беше распишана меѓународна  потерница.

Имено тој побегнал и живеел во  Петрич, Бугарија каде  што се стекнал со  бугарско државјанство и каде што продолжил со криминалните активности поврзани со недозволената трговија со дрога.

Изминатава година Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал работејќи на сузбивање на организирана  криминална  група чии членови оперираат и делуваат од територијата на Македонија, Бугарија и Албанија, и беа инволвирани во  организирање на транспорти со наркотична дрога марихуана, кокаин и хероин заради понатамошна продажба, како еден од членовите и организатор на истата го идентификуваше лицето Павле М.

Инаку, Павле во 2009 година, за сторени кривични дела од областа на  недозволена трговија со дрога,  бил осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци.

Тој во мај оваа година беше уапсен во Грција.