Екстремни горештини на северната хемисфера на првиот ден од летото

Екстремно високите температури кои погодија големи делови од северната полутопка ги поттикна стравувањата за посевите во Кина, предизвикаа големи шумски пожари во Португалија и на рускиот Далечен исток, откажување на летови на југозападот од САД и дури топење на асфалтот на патиштата во Велика Британија, пренесува во средата Reuters.

Во средата беше летната рамноденица, најдолгиот ден во годината, и метеоролозите најавија рекордни температури, од 37 Целзиусови степени во Париз, 38 во Мадрид и 34 степени во Лондон со можно невреме во текот на ноќта.

Светската метеоролошка организација (WMO) објави дека оваа година ќе биде „уште една извонредно топла година“, како и дека топлотните бранови се случуваат невообичаено рано.

„Делови од Европа, Блискиот исток, северна Африка и САД доживеаја извонредно високи температури во мај и во јуни, кои пробија низа рекорди“, објави WMO во вторникот.

Трендот забележан во последните два месеца покажува дека просечните месечни температури во светот биле меѓу највисоките од почетокот на нивното регистрирање во 1880 година.

Американската агенција за океани и атмосфера (NOAA) објави претходно дека во Европа,. САД и североисточна Азија, вклучително и источна Кина, Јапонија и Јужна Кореја, од март до мај владеело невообичаено топло време.

Во Кина, водечкиот производител на житарки во светот, топлото и сувото време во главниот појас за одгледување пченка го одложи садењето и го забави развојот на оваа култура, особено во покраината Лиаонинг, каде што влажноста на почвата е најниска во последните пет години. Врнежите во овој регион последните месеци се 40 до 60 отсто под сезонскиот просек.

„Сушата која погоди делови од североисточна Кина е најлошата за овој период од годината во последните десет години, во смисла на широчината на погоденото подрачје и должината на траењето“, вели Ма Венфанг, аналитичар во консултантската компанија „Beijing Orient Agribusiness“.

Горештините и сушното време се главната причина за шумските пожари во Португалија и во Сибир, како и во Иркутск на рускиот Далечен исток.

На американскиот југозапад, регионалните компании чиишто авиони летаат на пониски температури, откажаа повеќе летови, а во Велика Британија, во југоисточниот округ Сареј, поради горештината се истопил асфалтот на пат.

Институтот за климатски промени при Универзитетот Мејн објави дека во вторникот температурите на северната хемисфера биле за 0,44 Целзиусови степени над просечните, додека вообичаено се за 0,25 степени над глобалниот просек.

Речиси секој трет човек на светот веќе е изложен на потенцијално смртоносните топлотни бранови и до крајот на векот оваа бројка ќе порасне за речиси половината, предупредува новото истражување објавено на почетокот од оваа седмица.

„Луѓето зборуваат за иднината кога станува збор за климатските промени, но со ова истражување откривме дека тоа веќе се случува… и очигледно ќе биде уште многу полошо“, предупредува Камило Мора, професор по географија на Хавајскиот универзитет, водач на истражувањето коешто е објавено во стручното списание Nature Climate Change.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.