Еквадор: Бројот на загинатите во земјотресот достигна до 350

Смртниот биланс од вчерашниот катастрофален земјотрес кој го погоди Еквадор достигна бројка од 350 лица, а спасувачите се уште трагаат по преживеани во урнатините.

Претседателот на земјата Рафаел Кореа и претходно изрази стравување дека бројот на загинатите ќе се зголеми, и тоа значително.

Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала го погоди Еквадор доцна навечер во сабота, при тоа урнувајќи голем број домови и хотели долж пацифичкиот брег, популарен кај туристите, а неколку градови речиси целосно се срамнети со земја. Повеќе од 2.000 лица се повредени при уривањето на зградите за време на земјотресот, или за време на некој од вторичните потреси.

Престолнината Кито, која се наоѓа подлабоко во внатрешноста на земјата, мина само со напукнати ѕидови и прекин на електричната енергија, додека стратешки важните еквадорски нафтени капацитети не се оштетени.

Еквадорските власти во најмногу погодените провинции прогласија вонредна состојба, а на ниво на цела земја прогласија „вонредна ситуација“.

Меѓу градовите кои се најмногу разурнати е Педерналес, чиј градоначалник Габриел Алсивар изнесе проценка дека под урнатите се наоѓаат уште 400 лица.