Елче на “зелена маса” се сели во Секунда Дивизион

Играчите своето го обработија на терен, но клупската администрација упропасти сѐ.

Управата на шпанскиот фудбалски шампионат го исфрли Елче во втора лига бидејќи клубот од Валенсија направил “бројни сериозни пропусти” што во превод значи – не платил данок во висина од три милиони и шестотини илјади евра.

Местото на Елче во Примера би требало да го завземе Еибар, кој оваа сезона ја заврши како прв под црвената линија, со шест бода помалку од Елче. Но, Баскијците не се помирија со судбината, па ги пријавија колегите од Елче за финансиски пропусти и на “зелена маса” се вратија во елитата.

Јасно е дека Елче нема така лесно да се откаже, па треба да се очекува целиот процес да потрае уште извесен период и да се развлекува по судови, што значи дека конечната одлука треба да ја очекуваме кон средината на август.

Според актуелната состојба, Елче се сели во втора лига и мора да плати финансиска глоба од 180.303 евра. Казната на управата на Примера исто така значи и заминување на тренерот Фран Ескрибе и спортскиот директор Виктор Орте, а на играчите ќе им бидат преполовени платите, бидејќи според колективниот договор, минималните примања во Секунда вредат 50 отсто од минималецот во елитата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.