Електрични оргазам во МКЦ

По 23 години, Електрични оргазам повторно настапуваат во МКЦ Скопје.

Оваа година навршуваат и 30 години од култниот албум „Дисторзија“, а бендот прославува и 35 години од основањето.

Бендот го прославува овој јубилеј со турнеја по големите градови во поранешна Југославија, со свирење на целиот албум од прва до последна песна.

Младински културен центар во соработка со концертната агенција „Одличан хрчак“ од Белград, го најавува концертот на Електрични оргазам во МКЦ на 17 декември, 2016 година.

Билети по цена од 200 денари во продажба на Билетарница МКЦ и преку продажната мрежа на МК Тикетс.

На денот на концертот (17 декември) цената на билетите ќе биде 300 денари.

ДИСТОРЗИЈА НА ОРГАЗАМ

Рамноправно делејќи го култниот албум „Пакет аранжман“ (1981) заедно со Идоли и Шарло акробата, Електрични оргазам веднаш потоа го издава својот панк/новбран првенец наречен „Електрични оргазам“ (1981), психоделичниот „Лишче прекрива Лисабон“ (1982) и албумот со обработки “Les Chansones Populaires” (1983), пред да го означи крајот на првата фаза на бендот со „Како бубањ каже“ (1984).

По заминувањето на клавијатуристот Љуба Џукиќ во Америка, гитаристот, пејач и главен автор Срџан Гојковиќ – Гиле, во новата инкарнација на бендот се решава на базичен рок звук со две гитари, бас и тапани. Покрај стариот тапанар Горан Чавдаја – Чавке, на Гиле му се приклучуваат и гитаристот Бранислав Петровиќ – Банана, како и басистот Зоран Радомировиќ – Шваба.

Гиле уште есента 1985 за магазинот „Џубокс“ го најавува новиот албум, кој ќе се вика „Дисторзија“ и ќе биде издаден за „Југотон“.

„Ќе има 11 песни, звукот ќе биде многу добар и поинаков од претходните плочи, кои досега ги имаме издадено…сега сѐ е некако поцврсто… Сакаме да звучиме разбивачки. Од 11 песни, десет се брзи и кратки. Едноставно, баш се ПЕСНИ“.

Во својот текст за Електрични оргазам во „EX YU Rock“ Енциклопедијата, Петар Јањатовиќ го објаснува значењето на албумот „Дисторзија“ за иднината на бендот: „Со албумот „Дисторзија“ го реализираа вистинското враќање на сцената. Со едноставен и содржаен rock’n’roll нанижаа серија хитови“…

„Дисторзија“ е снимана во рана пролет во 1986 година во Загреб, во продукција на Гиле и Иван Пике Станич. Впечатливиот и оригинален омот на албумот го изработи сликарот Радован Хиршл (1946-2015).