Македонија

Електронската евиденција на тутунот почнува од март

Електронската евиденција на тутунот почнува од март

Проблемот со склучување двојни или тројни договори за иста површина на тутун се очекува да биде надминат со електронската евиденција на тутунот која ќе почне да се применува од март.

Наместо досегашните евидентни картони, при пријавување на новата реколта во подрачните единици на Министерството за земјоделство податоците ќе се внесуваат електронски. Од друга страна истата обврска ќе ја имаат и откупувачите.

– На овој начин преку измената на Законот за тутун и тутунски производи, ќе се избегне долгогодишната практика на склучување двојни и тројни договори за иста површна на тутун. Исто така, ќе се обезбеди и заштита на двете договорени страни од можни манипулации во целиот процес на договарање, производствени и откуп на тутун. Сакаме да ги регулираме прашањата во оваа област, истакна заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција.

Со законските измени кои неодамна беа донесени, сега откупувачите на тутун ќе треба најдоцна до почетокот на откупот да обезбедат финансиски средства за исплата на договорените количества тутун. Тоа ќе може да го сторат на два начина – преку банкарска гаранција или со посебна наменска жиро сметка која ќе ја користат за исплата на договорениот тутун.

– Со ова од една страна овозможивме да се обезбедат и да бидат осигурени побарувањата на тутунопроизводителите, а од друга страна им овозможивме на откупувачите две можности да обезбедат финансиски средства, истакна Костадиновски.

За реколтата 2014 склучени се вкупно 34.400 договори, а годинашниот род е поголем за околу пет илјади тони од планираните количини на производство.

Од Министерството се надеваат дека нема да има проблем со вишокот произведен тутун.

– Од состаноците меѓу тутунарите и откупувачите впечатокот е дека набргу тие ќе изнајдат начин да се надмине ова прашање, подвлече Костадиновски.