Електронската мајчина книшка стапи во функција

Министерството за здравство ја воведе електронската мајчина книшка која од вчера е достапна и во „Мој термин“ и ја пополнуваат сите матични гинеколози во државава. Податоците од книшката ќе може да ги користи матичниот гинеколог, но и сите гинеколози во породилиштата во Македонија, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, објави  МИА.

Во прво време, рече, електронската мајчина книшка ќе функционира заедно со хартиената, а подоцна ќе се оди само на електронската верзија од која податоците се добиваат во реално време и се чуваат во централен сервер со што шансите за нивно губење се мали.

– Целта на воведувањето на електронската матична книшка е прецизно следење и контрола на бременоста во целиот нејзин тек и заштита на здравјето на мајката и новороденчето, како и дополнително намалување на здравствените ризици, предвременото  породување и раѓањето на деца со аномалии поради нередовното одење на препорачаните контролни прегледи. Во неа се евидентираат сите прегледи и утврдени резултати од прегледите на бремената жена, како и детални податоци за породување и за новороденчето. Со тоа ќе се овозможи на докторот кој прв пат ја прегледува бремената жена веднаш  да ги добие сите податоци за било кој период од бременоста што е од исклучително значење за соодветна проценка на здрвствената состојба, рече Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека електронската мајчина книшка претставува база на податоци кои можат да послужат за надополнување на здравствената статистика и за креирање на здравствени политики и додаде дека со нејзиното воведување Министерството за здравство ќе ги има сите податоци во реално време за бројот и здравствената состојба на бремените жени и нивното одење на прегледите. По потреба, истакна, ќе можеме да ги повикуваме оние трудници кои не ги направиле одредените прегледи.

– На овој начин имаме детален и прецизен регистар за бремените жени во целата држава и со тоа овозможуваме докторите во реално време да ги добиваат податоците за задравствената состојба на трудницата. Сите 142 матични гинеколози во државата добија упатство за начинот на пополнување и водење на електронската матична книшка која ги содржи истите податоци како и печатената книшка која е адаптирана во 2012 година согласно Упатството за водење здрава бременост, рече Тодоров.

Министерот за здравство истакна дека во книшката има податоци за здравствената состојба на бремената жена и плодот, односно податоци за текот на бременоста, породувањето и за здравствената состојба на новороденчето.

Податоците за бремената жена, прецизира, опфаќаат крвна група, RH фактор, лична  гинеколошка и репродуктивна анамнеза, како и податоци за серолошки анализи и извршени ултразвучни прегледи. Во делот  за породување се евидентира типот на породување и евентуални компликации при породувањето и постпородилниот тек.

За новороденчето се евидентира родилната тежина, должина, обем на глава и граден кош и податоци за примени вакцини кои се даваат во родилиштето. Покрај тоа, се евидентираат и показателите на загрозеност, односно состојби кај жената кои бараат дополнителна грижа во текот на бременоста како срцеви и бубрежни болести, ендокрини нарушувања и други нарушувања како недоносеност, вродени  аномалии, инфекции, деца родени во домашни услови кои понатаму ќе му помогнат на педијатарот во грижата за новороденчето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.