Стартува електронското аплицирање за земјоделски инвестиции

Стартува електронското аплицирање за земјоделски инвестиции

Регистрираните земјоделци и стопанства од денеска до 1 септември годинава ќе можат електронски да поднесуваат барања за кофинансирање на нивните инвестиции во нова механизација за житни и индустриски култури.

Платежната агенција го објави јавниот повик, прв од ваков тип и, како што најави, до крајот на 2015-та електронски ќе може да се аплицира за сите останати мерки, како и за ИПАРД огласите, пренесува Миа.

Е-аплицирањето продолжува кон средината на овој месец за мерките за подигање нови лозови и овошни насади.

– Првпат објавуваме ваков повик на кој корисниците можат да поднесуваат барања од своите домови. Единствено е потребно, по електронското аплицирање, документите да се испечатат и потпишани, да се достават до Платежната агенција, рече на прес-конференција директорката Билјана Вуковиќ.

Според неа, детални упатства има на веб страницата на Агенцијата, а електронското аплицирање може да се врши на линкот e-baranje.ipardp.gov.mk.

Вуковиќ потсети дека корсиниците не смеат да почнат со реализација на инвестциите пред добивање на договорите со Агенцијата.

– Принципот на кофинансирање е сличен како за другите мерки. Се покриваат 50 отсто од прифатливите, одобрени трошоци, пет проценти повеќе имаат право да добијат младите земјоделци од 18 до 40 години, десет отсто плус се даваат за подрачја со ограничени можности, а 15 проценти повеќе, пак, се предвидени за комбинација од овие две – млад земјоделец во подрачје со ограничени можности, објасни директорката.

Од 2009 година досега преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој земјоделските стопанства набавиле вкупно 1.570 трактори и 6.200 парчиња друга механизација за што се потрошени околу 600 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.