Електронските услуги на ФЗОМ досега ги искористиле 35.734 осигуреници

фзом

Од воведувањето на електронските услуги, осигуреници, овластени лица и здравствени работници, наведуваат од Фондот, ги искористиле овие електронски услуги и поднеле барање од своите домови или работни места по електронски пат за остварување на одредено право.

Од Фондот наведуваат дека најкористена електронска услуга е за заверка на ортопедски помагала која 31.015 осигуреници ја искористеле и поднеле документи преку матичните лекари и лекарите специјалисти по електронски пат. Придобивките од електронските услуги кои ги воведе Фондот за здравствено осигурување, посочуваат оттаму, се бројни и за осигурениците и за фирмите и за здравствените работници, при што нема трошење време и финансиски средства за да се оди до подрачната служба на Фондот.

Од ФЗОМ истакнуваат дека една од бројните придобивки од електронските услуги е можноста за увид во сопствениот предмет, дали тој е позитивно или негативно решен и кога ќе биде извршена исплатата доколку се работи за рефундација на средства.

Од Фондот ги охрабруваат осигурениците и компаниите и здравствените работници да ги користат нивните електронски услуги. За поедноставно и точно информирање кои се потребните чекори и како да се користи електронската услуга, Фондот изготвил видео туторијали, кои се краток и едноставен водич како чекор по чекор за начинот како да се користат електронските услуги на Фондот.

Видео туторијалите се објавени на веб страницата на Фондот на следниов линк: www.fzo.org.mk или на линкот на Фондот на youtube: www.youtube.com.

Фондот продолжува да работи на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите, здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога истата им е потребна, стои во соопштението од ФЗОМ.