Македонија

Електронско аплицирање за студентски стипендии

Електронско аплицирање за студентски стипендии

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, на денешната прес конфенреција, ги повика студентите да аплицираат по електронски пат за Конкурсот за доделување стипендии.

– Станува збор за вкупно 2.905 стипендии, за академската 2014/2015 година, кои се поделени во 3 групи. Како и минатата година министерството ќе додели 1.500 стипендии за студенти од социјални категории; 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато најмалку 9,00 просечен успех, 125 стипендии за студенти по информатика кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 9,00 просечен успех, изјави министерот Адеми.

Министерството, додаде Адеми, ќе додели и 650 стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно – математичките, техничко – технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 7,00 просечен успех.

– Правото да добијат стипендија имаат редовните студенти на јавните и приватните високообразовни институции во Република Македонија. Услови кои треба да ги исполнуваат се: да не повторувале ниту една година во текот на студирањето, да не користат стипендија од друга институција или фирма и да се државјани на Македонија. Покрај општите услови, за секој тип на стипендија има дополнителни услови кои секој од кандидатите мора да ги исполни за да се стекне со правото на користење на паричен надоместок во вид на стипендија, рече министерот.

Висината на стипендијата за Прва група – стипендии за студенти од социјални категории изнесува 3.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 8.50, односно од најмалку 9,00 просечен успех изнесува 4.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година, додека за студентите кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9,00 на студиските програми по информатика изнесува 5.500,00 денари месечно.

Висината на стипендијата за Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки изнесува 3.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

– Ве уверувам дека целиот процес ќе биде транспарентен и објективен и дека стипендиите ќе завршат во рацете на оние кои ги исполнуваат условите, изјави Адеми, напоменувајќи дека документите студентите треба да ги поднесат во Министерството за образование и наука од 15 до 30 декември, а резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk на 03.02.2015 ноември.