Електронско склучување на договори за продажба на државно градежно земјиште

Продажбата на државно градежно земјиште ќе може да се одвива по електронски пат според измените на Законот за градежно земјиште кои денеска го поминаа првото читање во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

– Целта е да се подобри квалитетот на обезбедувањето услуги кон граѓаните, ефикасно и транспарентно водење на постапките за отуѓување и давање под закуп државно градежно земјиште, рече редорниот министер Ниметула Халими.

Се воведуваат и две нови постапки – за пренесување на правото на градење и за пренесување на правото на сопственост на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, кои до сега не беа предвидени со Законот за градежно земјиште.

– Со новата законска интервенција се прави чекор напред во легализирањето на односите во сферата на градежното земјиште, постапките се поедноставуваат и стануваат многу поефикасни, нагласи Стојан Миланов од Социјалистичката партија.

Како што беше посочено во кратката комисиска расправа, измените предвидуваат и усогласувања со законите за катастар на недвижности и за инспекциски надзор.

На седницата, првото читање го поминаа и измените на законите за облигациски и стварноправни односи во воздушниот сообраќај, за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води и за квалитет на амбиенталниот воздух.

Согласно измените на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води, се регулира начинот на доставувањето на сметките на правните и на физичките лица. Правните лица сметките ќе ги добиваат електронски, а на физичките ќе им бидат доставувани електронски само доколку така сакаат.

Измените на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух предвидуваат следењето на изворот на емисии и контрола на квалитет на амбиенталниот воздух да се врши преку тела акредитирани од Институтот за акредитација на РМ, научни и стручни организации или други правни лица акредитирани од акредитициски тела во Швајцарија, Германија, Велика Британија, Франција, Финска,  Шведска, Данска и Холандија.