ЕЛЕМ нема да бара поскапување на струјата

АД ЕЛЕМ нема да побара зголемување на цената на електричната енергија, а загубата од увозот на скапа струја во јануари годинава поради екстремно ниските температури, компанијата ја покри со зголеменото производство, со поевтиниот увоз во март и април годинава, како и со извозот во ноември и декември минатата година, најави генералниот директор Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека компанијата по првите три месеци од годинава се наоѓа во извонредна финансиска кондиција.

– Струја извезовме во ноември и во декември, во јануари купивме скапа струја, потоа ја набавивме евтино. Ќе се обидеме да купиме евтина струја до јуни, кога ќе заврши оваа регулирана година. Во првите три месеци компанијата има добивка пред оданочување во висина од 7,5 милиони евра. Тоа е уште еден показател за исправните политики и начинот на водење на компанијата и дека нема да бараме зголемување на цената, рече Мицкоски.

Според неговото мислење, цената на струјата може да расте само во ситуација на либерализација на пазарот на струја која засега се планира во 2020.

– Доколку се спроведеше либерализацијата според првичниот план, граѓаните што ќе се определеа да излезат на слободниот пазар, сега ќе плаќаа за 25 отсто повисока цена од регулираната. Се очекува до 2020 година, кога целосно ќе се либерализира пазарот, цената на слободниот пазар за граѓаните да биде повисока дури и до 50 отсто од регулираната, рече Мицкоски.

Поради ваквата состојба, додаде, голем дел од компаниите кои го исполнија условот за либерализација се одлучуваат да останат на регулираниот пазар, а така  очекува да направат и граѓаните.

Најави дека во наредниот период АД ЕЛЕМ ќе реализира неколку инвестиции за да биде компанијата конкурентна на пазарот во регионални рамки кога ќе настапи либерализацијата.

– Не само што ЕЛЕМ ќе биде конкурентен на пазарот, туку ќе биде регионален тигар на пазарот со струја, потенцира Мицкоски.

Новата цената на струјата, Регулаторната комисија за енергетика ќе ја утврди до крајот на јуни, а ќе важи од 1 јули. Во неа се пресметуваат трошоците на енергетските компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН Македонија. Во последните две години цената на струјата за домаќинствата се намалуваше.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.