ЕЛЕМ: СДСМ не знае што е оптимизација на домашното производството

СДСМ продолжува да манифестира елементарно непознавање за функционирањето на електро-енергетскиот систем и манипулира за состојбата на производните капацитети, реагира АД ЕЛЕМ во пишана реакција на денешната прес-конференција на СДСМ на која партијата го обвини раководството на ЕЛЕМ за прекумерно искористување на водите на Охридско и на Тиквешкото Езеро.

„Опозицијата брзајќи од секоја активност во електроенергетиката да прави медиумска сензација, докажува дека не знае што е оптимизација на производството, па пласира тези што немаат никаква врска со реалните состојби и управувањето со постојните домашни електроцентрали. Во обид да се прикажат како совесни еколози, критикуваат за нискиот водостојот на Охридското Езеро и на вештачката акумулација Тиквеш, а истовремено негодуваат дека била исклучена термоелектраната Осломеј“, се вели во реакцијата на ЕЛЕМ.

Се нагласува дека не е точно оти ТЕЦ Осломеј откажала, ниту, пак, електраната е исклучена поради дефект.

„Овој капацитет во изминатиот период на зголемен потрошувачки конзум и потреба од електрична енергија во целост одговори на потребите на тарифните потрошувачи. Основна причина зошто капацитетот е надвор од електроенергетскиот систем е намалената потрошувачка на електрична енергија. Со опаѓање на конзумот, и со реоптимизација на електраните донесена е одлука тој да се исклучи, затоа што целосните потреби од електрична енергија од почетокот на месецов, АД ЕЛЕМ во целост ги обезбедува од домашното производство и без потреба од увоз. Истовремено, во услови кога без овој термокапацитет во целост се одговара на потребите на потрошувачите, компанијата избегнува дополнителни трошоци со оглед на тоа што специфичната производна цена на ТЕЦ Осломеј надминува 100 евра за мегаватчас“, се посочува во реакцијата од ЕЛЕМ.

Во однос на водостојот на Тиквешкото Езеро, се додава, станува збор за уште една груба манипулација за негово празнење, затоа што поради сушниот период, оваа електрана не се користеше за потребите на електроенергетскиот систем според планот во енергетскиот биланс.

„Не е точно дека акумулацијата е на минимално ниво, туку согласно денешните податоци, таа е на пет метри од минималната работна кота. АД ЕЛЕМ ниту дозволил, ниту ќе дозволи нивото да се спушти под минималната работна кота. Напротив, оваа акумулација последните денови се полни со огромен интензитет поради забрзаното топење на снегот и огромните дотеци од Црна Река. Само во текот на вчерашниот ден водостојот во тиквешката акумулација е пораснат за еден метар, а според досегашните информации, таквиот тренд продолжува и во реката Црна, се прецизира меѓудругото во реакцијата од ЕЛЕМ.