ЕЛЕМ: Увозот на струја за индустриските потрошувачи не влијае врз цената за домаќинствата

Во презентираните податоци на СДСМ е внесен и увозот на електрична енергија што самостојно на либерализиран пазар, почнувајќи од 2008 година го вршат големите индустриски капацитети во Република Македонија. Токму тој увоз има најголем удел во вкупниот увоз на електрична енергија во Република Македонија. Сепак, оваа ставка нема влијание врз цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи станува збор за билатерални договори меѓу лиценцираните трговци со електрична енергија и големите индустриски потрошувачи, реагира АД „Електрани на Македонија“ на пресот на СДСМ за поскапување на струјата.

„Само за потсетување, за одржување и реконструкција на постојните термо и хидроелектрани, како и во изградба на нови капацитети компанијата во континуитет инвестира меѓу 50 и 75 милиони евра годишно. Во изминатиот период целосно завршени и пуштени во функција се два капитални производствени капацитети: ХЕЦ Света Петка и Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Исто така, спроведен е зафатот за модернизација и автоматизација на РЕК Битола, а реализирана е и втората фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани. Целосно отворен  и опремен е новиот рудник за јаглен Брод Гнеотино, а во фаза на отворање се и подинските јагленови серии во рудникот Суводол. Во функција на зајакнување на перформансите на рудниците во РЕК Битола изграден е и главен транспортен систем за јаглен од Брод Гнеотино до Суводол. Со овие зафати и инвестирање во искористувањето на домашните ресурси, ќе се обезбеди континуирано производство на електрична енергија во РЕК Битола за наредните две децении“, соопшти ЕЛЕМ.

ЕЛЕМ потсетува дека се работи и на активности поврзани со изградбата на хидроелектраната Бошков Мост, хидросистемот Луково Поле, и хидроелектраната Шпилје 2, а во тек се и подготвителните работи за изградба на систем за Топлификација на Битола и околината. Во тек се и истражни работи околу отворање на два нови рудници на јаглен Живојно и Мариово.

Оттаму истакнуваат дека компанијата и во наредниот период ќе продолжи со реализација на најавените енергетски проекти кои на среден и на долгорочен план ќе го зголемат домашното производство и ќе ја подобрат енергетската ефикасност на постојните капацитети.