Елитната населба кај касарната „Илинден“ ќе почека

Се’ уште ништо од елитната населба која се предвидува да се гради на празните парцели во склоп на скопската касарна „Илинден“. Продадени се само две парцели, на Меѓународниот Балкански универзитет. Од општина Карпош, каде што припаѓа најголем дел од земјиштето, сметаат дека незаинтересираноста на инвеститорите е поврзана со високата почетна цена од 6.000 денари за квадратен метар, утврдена на огласот за продажба, што го спроведува Министерството за транспорт и врски.

Локалната власт досега неколку пати побарала 50 отсто намалување на цената за продажба на парцелите, но, од Министертсвото за транспорт и врски велат дека засега не може да се изведе такво нешто, бидејќи цените на градежното државно земјиште се утврдени со Уредба за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп, во зависност од локацијата и намената за градба.

Планот, што всушност е дел од проектот „Старите касарни за нов развој“, предвидува изградба на објекти за семејно домување во станбени згради, комерцијални, деловни објекти, како и здравствена установа. Се работи за околу 95 хектари земјиште од кое што мал дел е во делот на општина Чаир, а најголем дел е на територија на општина Карпош.

На најголем дел од парцелите се предвидува изградба на колективни живеалишта. На површина од околу 38.000 квадратни метри планот предвидува изградба на комерцијални и деловни објекти, а на парцела од околу 3.000 квадрати, треба да се гради и здравствен објект.

Според урбанистичкиот план, максималната висина на станбените згради се движи од 21 до 80 метри. Додека, деловно комерцијалните објекти ќе бидат високи од 40 до 80 метри.
Здравствената установа би требало да биде на приземје, два ката и поткровје.

Локацијата на старата касарна „Илинден“ веќе четири години се споменува и за изградба на станови за вработените во АРМ. Спред последната изјава на министерот за одбрана, Зоран Јолевси, реализацијата на проектот е веќе почната. Цената на становите ќе изнесува најмногу 500 евра за квадрат, и вработените  во АРМ, кои немаат своја куќа или стан  нема да плаќаат камата.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.