Eм помалку бракови, ем повеќе разводи секоја година

Ако во деведесеттите години Македонија се вбројуваше меѓу земјите во Европа со најниска стапка на разводи, статистиката покажува дека од година во година земјава бележи опаѓање на бројот на склучени бракови и се поголем број на разводи.

Во 2009. година во Македонија биле склучени вкупно 14.923 бракови. Наредната година судбоносно „ДА“ кажале 14.155 парови. Во 2011-та година регистриран е благ раст на вкупниот број склучени парови – 14. 736, бројка која сепак е помала во однос на 2009-та година. Во 2012-та година регистрирани се вкупно 13.991 склучени бракови, значително помал број во однос на претходните три години. Оваа бројка дополнително е намалена во 2013. година кога брак склучиле 13. 982 парови.

Најголем број од склучените бракови во 2013. година, односно 11,9 отсто биле склучени во месец август, а најмалку – 5 проценти од венчавките се случиле во април. Во најголем број од венчавките младениците стапиле во брак прв пат.

За разлика од бројот на склучени бракови, бројот на разводи во 2013. година бил за 6,2 отсто поголем во однос на 2012. година, односно имало вкупно 2.045 разводи. Најмал број од разводите, 2,4 отсто се случиле во месец август, додека најмногу разводи, односно 10 отсто имало во декември.

На развод во 2013. година во најголем процент се одлучиле жени на возраст од 35 до 39 години, додека пак во најголем број од разводите мажите биле на возраст помеѓу 30 и 34 години.

Во првите три месеци од 2014. година бројот на женидби опаднал за 10,2 отсто во однос на истиот период претходната година – вкупно биле склучени 2.597 бракови. Бројот на разводи бележи раст во однос на истиот период од 2013. година – вкупно 576 прекинувања на бракот за само три месеци.

Во вториот квартал од 2014. година биле склучени вкупно 3.113 бракови, бројка која за 0,1 отсто е помала во однос на истиот период од 2013. година. Во овој период е забележан благ пад од 2 отсто на разводите во однос на истиот период од 2013. година – вкупно 538 парови решиле да стават крај на нивниот брак.

Мажите во изминативе неколку години најчесто стапуваат во брак на возраст од 25 до 29 години, додека пак жените во најголем број се одлучуваат на ваков чекор на возраст помеѓу  20 и 24 години.