Емануел Макрон официјално инаугуриран како претседател на Франција

Емануел Макрон во неделата официјално ја презема должноста француски претседател на церемонијата одржана во Елисејскиот дворец, станувајќи на 39-годишна возраст најмладиот француски претседател од времето на Наполеон.

Центристот Емануел Макрон, поранешен ротшилдов инвестициски банкар и министер за економија во владата на својот социјалистички претходник Франсоа Оланд, во вториот круг од претседателските избори пред една седмица со 66 отсто од освоените гласови ја победи противкандидатка од крајната десница Марин Лепен, во кој не влегоа кандидатите на двете најголеми етаблирани партии во Франција.

Макрон стана официјално претседател, откако Лорен Фабиус, претседател на Уставниот совет и поранешен премиер, ги прочита резултатите од претседателските избори. Подоцна во текот на денот треба да именува нов премиер, а владата треба да ја формира во вторник, според извори блиски на новиот претседател.

Во Елисејскиот дворец Макрдон пристигна во неделата претпладнето каде го пречека претседателот Франсоа Оланд. По долгите приватни разговори, Макрон го испрати Оланд кој одмавна во знак на поздрав и со автомобилот ја напушти претседателската резиденција.

Според најавите, Макрон до крајот на седмицата треба да ги посети француските војници во Мали каде што Франција воено интервенираше во 2013 година за да ги истисне исламистичките милитанти поврзани со Ал Каеда. Првата меѓународна средба, според најавите, Макрон ќе ја има со германската канцеларка Ангела Меркел веќе во понеделник.