ЕП бара да се сопре изградбата на Јужен тек

Европскиот парламент на денешната пленарна седница во Стразбур усвои резолуција, со која бара поостри санкции кон Русија и стопирање на изградбата на гасоводот Јужен тек, објави МИА.

Со резолуцијата за која гласаа 77 отсто од вкупниот број пратеници, се изразува силна поддршка кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а од Русија се бара итно да ги повлече своите воени сили од земјата и да престане да ги поддржува проруските сили.

Повикувајќи се на поострите санкции кон Русија, Парламентот зазеде став дека „Јужен тек“ не треба да се гради, туку треба да се обезбедат други извори за енергенси.

Само 49 пратеници, односно девет отсто, гласаа против резолуцијата.

Гасоводот, чија изградба е во тек, според планот би требалo да минува низ Црното Море и Балканот и да звршува во Австрија, со што би се елиминирала потребата за транзит на гас низ Украина.

ЕУ претходно зазеде став дека изградбата на „Јужен тек“ треба да се суспендира се додека проектот не се усогласи со европските прописи, но ова е првпат некоја од институциите на Унијата да побара тој да се стопира.

Резолуциите на ЕП не се задолжителни, но Европскиот совет и Европската комисија се должни да ги земат предвид при одлучувањето.