ЕП го поддржа предлогот за раселување на бегалци

Европскиот Парламент денес го поддржа предлогот за раселување на бегалци.

На денешната вонредна седница, предлогот за раселување на бегалци беше изгласан со 372 гласа „за“, 134 „против“, додека пак 52 европратеници биле воздржани.

Денешното гласање на европратениците има процедурален карактер и е неопходно пред новата вонредна средба на Советот на ЕУ за правосудство и внатрешни работи. Откако ја доби „визата“ на европратениците, планот на ЕК за раселување на 120 илјади бегалци може да влезе во сила, доколку биде поддржан и од Советот на ЕУ.

Според процедурата, Советот на ЕУ ги прифаќа квотите предложени од ЕК доколку за планот гласаат 16 од 28-те членки. Комисијата повеќепати појаснуваше дека има за цел постигнување едногласност, како и дека е подготвена да отстапи од своето инсистирање квотите да бидат задолжителни.

– Хуманитарната криза може да се реши само доколку ги имаме предвид факторите што се надвор од  нашите граници, изјави при отворањето на заседанието на ЕП, неговиот претседател Мартин Шулц.

„Конфликтот во Сирија навлегува во својата петта година, а политичкото решение не се наѕира. Оние кои бегаат немаат дом и се избркани од насилството и сиромаштијата во нивната земја. Ако ние не успееме во иднина ќе имаме уште поголеми проблеми“, искоментира Шулц.

-Кризата ќе трае со години, пред нас се хуманитарни, политички и морални предизвици, изјави заменик претседателот на ЕК, Франс Тимерманс. „Ние не повикуваме границите насекаде да се отворат, туку бараме да го слушаме нашето срце“, додаде тој, пренесува МИА.