ЕП ќе расправа за резолуцијата за Шешељ

Европскиот парламент денеска на пленарната седница во Стразбург ќе расправа и ќе гласа за резолуцијата: „Србија: случај за обвинетиот воен злосторник Војислав Шешељ“.

Предлогот на текстот на резолуцијата во која би требало силно да се осуди однесувањето на обвинетиот за воени злосторства Шешељ откако беше пуштен привремено на слобода вчера беше усогласен од страна на застапничките клубови во Европскиот парламент.

Иницијативата за таа резолуција беше покрената од страна на претставникот на Хрватскиот сабор Андреј Пленковиќ, а поддржана од сите хрватски претставници во Европскиот парламент.

Според предлог резолуцијата ЕП ќе ја осуди воената реторика на Шешељ, поттикнувањето на омраза и охрабрувањето за територијални претензии, обидите да се оттргне Србија од нејзиниот европски пат. Исто така се изразува жалење заради провокативните јавни активности и воената реторика откако тој беше пуштен на привремена слобода, што ја обнови психолошката болка од војната и злосторствата направени на почетокот на 90-тите години.