ЕП усвои резолуција против Шешељ, а тој тврди дека само на сила ќе го вратат во Хаг

Во Европскиот парламент во Стразбур денеска по едночасовна расправа е усоена резолуција за лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, во која Хашкиот трибунал се повикува да ги преиспита условите за неговото пуштање на слобода, а од српските власти се бара да се оградат од неговите изјави.

ЕП бара од српските власти да утврдат дали Шешељ ги прекршил законите на Србија, како и за зајакнување и целосно спроведување на законската регулатива, која забранува поттикнување омраза, дискриминација и поттикнување насилство, јави МИА.

Со документот се повикуваат Хашкиот трибунал и обвинителството „со оглед на овие нови околности да ги преземат сите неопходни чекори за да се изврши ревизија на условите за условна слобода”.

Во резолуцијата, која нема обврзувачки карактер, не влезе барањето на европските либерали и зелените Србија да ги отвори воените архивите на СФРЈ за да се олесни утврдувањето на одговорноста за злосторствата и за судбината на исчезнатите лица.

– ЕП силно ја осудува воинствената реторика на изјавите на Шешељ за поттикнување на омраза, како и за неговите обиди да се пренасочи Србија од нејзината европска иднина, се вели во резолуцијата.

Европратениците ги осудуваат и „провокациите кои тој ги искажува јавно и користењето на воената реторика, која ја употребува по неговото условно ослободување, како и неговите јавно искажани ставови, со кои повикува за создавање на Голема Србија и неговите јавно изразени аспирации кон соседните земји, вклучувајќи ја и Хрватска“.

Претседателот на парламентарната група за Србија, Едвард Кукан изјави на почетокот на расправата дека предложениот текст на резолуцијата ги зголемува тензиите во регионот, наместо да ги намалува и оти поради тоа нема да ја поддржи.

– Целосно го разбирам злото на воената реторика и говорот на омразата, особено на Западен Балкан, рече Кукан, но укажа и дека со резолуцијата на Шешељ му се придава преголема важност.

– Поради тоа што во резолуцијата се критикува независниот суд, кој го формираше Советот за безбедност на Обединетите нации нема да ја поддржам оваа резолуција, порача Кукан.

Бугарскиот пратеник Ангел Џамбаки израз сличен став, укажувајќи дека според негово мислење српските власти веќе се оградиле од Шешељ и додаде дека резолуцијата не е потребна.

Мнозинството пратеници меѓутоа го поддржаа текстот на резолуцијата, а во тоа предничат хрватските пратеници, на чија иницијатива резолуцијата е ставена на дневен ред.

На пратениците на крајот од расправата во име на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини им се обрати еврокомоесарот за хуманитарни прашања, Кипранин Христос Стилијанидес, кој истакна дека ЕУ ги почитува одлуките на Хашкиот суд и додаде дека изјавите на Шешељ му припаѓаат на минатото.

Шешељ денеска изјави дека е многу горд на резолуцијата на хрватскиот Сабор и дека ќе биде уште позадоволен кога Европскиот парламент ќе усвои резолуција „против него и неговата политичка активност“, додавајќи српските власти ќе мораат на сила да го вратат во Хаг.

Во меѓувреме, во ЕП во Стразбур е усвоена резолуција за Шешељ, со која Хашкиот трибунал се повикува да ги преразгледа условите за негово ослободување, а српските власти да се оградат од неговите изјави.

Шешељ на прес-конференција во Белград повтори дека сигурно нема доброволно да се јави на евентуалниот повик на Трибуналот за враќање во притвор.

– Можно е Томислав Николиќ и Александар Вучиќ да одлучат на сила да ме екстрадираат. Во тој случај ќе мораат да ме уапсат и да водат судска постапка која трае најмалку 14 дена. Јас сум среќен поради тоа што моите главни соучесници во сите евентуални воени злосторства и злосторства против човештвото ме апасат и испорачуват во Хаг. Што би можел човек да посака повеќе од ова, нагласи Шешељ.