ЕПП: Местото на партиите е во Парламентот, ниту еден бојкот не е добар

Европската народна партија (ЕПП), најголемата европска политичка партија, денеска одржа редовно генерално Собрание во Брисел од каде испрати порака до опозицијата во Македонија и во Албанија дека местото на политичките партии е во парламентите.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за вторпат по големата победа на изборите за Европскиот парламент во мај оваа година, ЕПП одржа Собрание на кое го прослави и изборот на нивните членови, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер за нови претседатели на Европскиот совет, односно Европската комисија.
Пратениците во македонскиот парламент, Владимир Ѓорчев и Антонио Милошоски, денеска присуствува на собирот на европските “десничари” во име на ВМРО-ДПМНЕ која е асоцијативна членка на ЕПП. Притоа, во изјава за МИА, Ѓорчев по Собранието ја пренесе пораката што претседателот на ЕПП, Жозеф Дол и поранешната европратеничка Дорис Пак, како нивни челници, ја испратиле до партиите што на Балканот се одлучиле да го бојкотираат Парламентот.
– Една од главните пораки на денешното политичко Собрание на Европската народна партија, која е и најголема европска партија, беше дека ниту еден бојкот на институциите не е добар и дека местото на политичките партии е во парламентите. Едноставно, според заклучокот на ЕПП, во законодавните домови треба да се одвива политички дијалог, таму треба да се дискутира за сите отворени прашања и да се гласа. Токму затоа и гласаат граѓаните на избори, не само во Македонија, туку и во која било друга земја во Европа, истакна пратеникот Ѓорчев за МИА.
Посебна осуда европските демохристијани денеска испратија и до премиерот на Албанија, социјалистот Еди Рама, кој според нив, врши целосна партизација на државниот апарат по превземањето на функцијата од Сали Бериша и дека се одмаздува на претходните раководни лица во министерствата и во јавната админстрација.
Исто така, поздравувајќи го изботот на нивните членови Туск и Јункер за наследници на Херман ван Ромпуј и на Жозе Мануел Барозо, на Собранието на ЕПП се расправаше и за намалувањето на буџетот на партијата што го добива како најбројна група во Европскиот парламент, како последица на тоа што на последните европски избори, и покрај убедливата победа над социјал-демократите, сепак, оваа партија десно од центарот загуби 52 европратеници во однос на претходнито состав на ЕП. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.