ЕПП упати честитка за успешно спроведените избори во Македонија

Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, на денешното политичко собрание на ЕПП има честитал за успешно спроведените парламентарни и претседателски избори во Република Македонија и им го честитал триумфот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов, пренесоа медиумите. На конференцијата присустувавл и пратеникот во македонското Собрание Влатко Ѓорчев. Европската народна партија (ЕПП) четири пати едноподруго победува на изборите за Европскиот парламент.

„Претседателот Дол, директно пред присутните му честиташе на ВМРО-ДПМНЕ, на премиерот Груевски и на претседателот Иванов за остварениот резултат на предвремените парламентарни, како и на претседателските избори во Македонија. Исто така, тој нагласи дека изборите во Македонија биле солидно спроведени и дека поминале во најдобар ред. Според Дол, резултатите се тие што кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира и новата Влада“, истакнал пратеникот Ѓорчев во изјава за медиумите.

Денеска, ЕПП, први од новиот состав на Европарламентот, формираа и пратеничка група која ќе биде составена од 222 европратеници, со што за 33 пратеници се повеќе од второпласираната Партија на европските социјалисти и демократи (ПЕС).

Главна тема на денешното редовно Собрание на ЕПП биле европските избори, при што беил поднесен детален извештај од гласањето во сите земји на Европската унија и се анализирале резултатите од изборите. Притоа, биле согледани состојбите во однос на формирањето на Европската комисија и изборот на идниот претседател на ЕК и се говорело за идното функционирање на Европската народна партија во Европарламентот, преговорите со социјалистите, либерал-демократите и останатите политички партии во европскиот законодавен дом, односно се што овој преоден период ќего донесе до конститутивната седница на Европскиот парламент на 1 јули.

Пратеникот Ѓорчев вели дека за време на политичкото Собрание на европските партии десно од центарот, тој добил голем број честитки од претставниците на другите политички партии од Европа.

„Добро е што ВМРО-ДПМНЕ, како дел од структурите на ЕПП, има свои пријатели во Европа што ни честитаат, но и не поддржуваат во нашата работа и ги споделуваат заедничките политики на десниот центар што ги имаме и во Македонија и во Европа. Исто така, денеска е прв ден откако новите европратеници почнаа да доаѓаат и добро е што голем дел од луѓето што досега ја поддржуваа Република Македонија во Европарламентот, ќе продолжат да го прават истото и во наредните пет години“, навел Ѓорчев.

Според пратеникот во македонското Собрание, на маргините на денешното Собрание на најголемата политичка партија во Европа, станало збор и за бојкотот на парламентот од страна на СДСМ во Македонија, при што никој немал поддршка за делувањето на социјал-демократите во нашата земја.

„Бојкотите никој не ги поддржува и тоа едноставно не е европска пракса. Она што СДСМ треба да го разбере е дека е невозможно да најдат луѓе што ќе го оправдаат тој нивен чекор и како ќе минува времето, така се повеќе нивната позиција на бојкотирање на институциите и омаловажување на македонските институции, нема да помине ниту во Македонија, ниту во странство“, констатира Влатко Ѓорчев.