Ердоган: Америка ја открија муслиманите, а не Колумбо!

Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган Америка не ја пронашол Колумбо, туку муслиманите во 12. век.

„Врската меѓу Јужна Америка и исламот потекнува од 12 век. Муслиманите ја откриле Америка во 1178 година, а не Кристофер Колумбо “, изјавил Ердоган во Истанбул, во говор на самитот на исламските лидери од Јужна Америка.

Според него, двајца муслимански морепловци стигнале во Америка во 1178 година, бидејќи Колумбо наводно спомнувал постоење на џамија на некој рид на Куба.

Ердоган изразил подготвеност да учествува во повторната изградба на џамијата што ја спомнал Колумбо, на истото место.

„Би сакал за тоа да разговарам со кубанските браќа. Тој рид денес би бил совршено место за џамија“, кажал турскиот претседател.

Историските документи тврдат дека Колумбо во 1492 година бил првиот странец што стапнал на американско тло на својот пат кон Индија.

Муслимански „историчари“ и теолози неодамна го довеле во прашање тоа откритие, тврдејќи дека пред Колумбо таму стигнале муслиманите, иако нема ниту еден доказ за нивното присуство.

Историчарот Јусуф Мруех во 1996 година објавил напис во кој тврди дека Колумбо спомнувал џамија на Куба.

Неговите колеги веднаш ја отфрлиле хипотезата, објаснувајќи дека „џамијата“ била опис на Колумбо на пејзажот што првпат го гледал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.