Ердоган бара „поинаква помош“ од Западот

– Турција никогаш не ги затворила, ниту ќе ги затвори вратите за луѓето, кои бегаат од бомби, истакна вчера Ердоган на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ на почетокот на дводневната посета на Хрватска.

Тој нагласи дека Западот треба да одговори на различен начин и да и предложи на Турција поинаква помош, при што не прецизираше на што мисли.

Владата во Анкара претходно соопшти дека укинувањето на визите за турските државјани е од суштинско значење за успехот на спогодбата ЕУ-Турција за стопирање на негелалната миграција во Европа.

– Има повеќе области во кои Хрватска може да и помогне на Турција во процесот на интеграција во Европската унија, претежно со укажување силна поддршка во Брисел за интеграција на Турција во ЕУ, за укинување на визите, што се надевам дека ќе се случи наскоро, рече Грабер.

Таа истакна дека се надева оти реципрочно ќе бидат укинати визите за хрватските државјани, кои ја посетуваат Турција.

Двајцата претседатели ја поддржаа интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија и НАТО, особено на Босна и Херцеговина, каде според хрватскиот претседател Турција досега имала мошне конструктивна улога.

Тие се согласија да ја зајакнат трилатералната соработка со БиХ, што ќе и помогне на земјата во нејзината „политичка еманципација“ за развој на Дејтонскиот мировен договор и целосно активирање на Акциониот план за членство во НАТО.

Нивната соработка ќе биде фокусирана на проблемот, поврзан со миграцијата и размената на информации во борбата против тероризмот и екстремизмот.

Поголемите турски инвестиции во Хрватска, извоз на хрватското говедско месо во Турција, заедничките енергетски проекти, гасни цевки, пристаништа и туризмот, беа споменати како области за поактивна економска соработка меѓу Турција и Хрватска, која Ердоган ја нарече „пријателска земја и сојузник“.