Ердоган: Европа умре во Босна, а погребана е во Сирија

Мртвите тела на деца на морските брегови се надгробните споменици на западната цивилизација. За жал, во последните седум години европските вредности ги урнаа нивните носители, уништувајќи ги една по една, изјави во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој заедно со бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ присуствуваа во турската престолнина Анкара на одбележувањето на 14-годишнината од смртта на првиот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ во рамките на којашто беше одржана и премиера на серијата за животот на неговиот татко.

Обраќајќи им се на присутните во Конгресниот центар Бестепе, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган порача дека „Европа умре во Босна, а е погребана во Сирија“, обвинувајќи ги сегашните европски челници за уништувањето на европските вредности и обвинувајќи ја западната цивилизација за смртта и пустошот на Блискиот исток и Балканот последните децении.

Бакир Изетбеговиќ им се заблагодари на Ердоган и на неговата сопруга Емина, кои го чуваат споменот на неговиот татко Алија и истакна дека признавањето на неговата борба е признание и за сите кои биле крај него.

Турција ја помага БиХ несебично, како никогаш претходно, помага на нејзиниот европски пат, кон членството во НАТО, во економското закрепнување, изградбата на инфрастурктурата и подобрите односи.

„Тоа е човек кој заслужува да се чуваат сеќавањата за него. Ја гледав неговата борба одблиску. Тој мина низ две војни и два затвора – осум години војни, девет години затвор. Ниеден ден не го пуштаа од затвор, пуштаа убијци, силувачи, но политички затвореници никогаш не пуштаа ниту на еден викенд да се одморат. Признанието за него и за неговата борба е признание за сите луѓе кои биле крај него. На сите оние коишто ги оставиле своите животи во комунистичките казамати и ли во калливите ровови на војната и агресијата врз БиХ“, изјави Изетбеговиќ синот.

„Доколку денес воени стручњаци би се задлабочиле и би го разгледале тој однос на силите на оние кои нѐ нападнаа и нас кои се браневме, ние таа војна никогаш не би можеле да ја добиеме, ние моравме да ја загубиме таа војна“, рече Изетбеговиќ, кого го цитира агенцијата Anadolu.
Според него, Алија Изетбегпвич секога се носел со силите коишто изгледале далеку понадмоќни од него и „кои никогаш не го поразија“.

Зборувајќи за односите меѓу Турција и БиХ, Бакир Изетбеговиќ рекол дека Турците секогаш биле пријатели на БиХ и помагале колку што можеле.

„Но во некои делови од историјата беа толку преокупирани со своите проблеми што помалку забораваа на БиХ. Или неа многу заинтересирани да ни помогнат но немаа сили тоа да го сторат. Денес, фала му на Бога, турската држава, турскиот народ, предводени од нашиот пријател Реџеп Тајип Ердоган се многу заинтересирани за БиХ и многу се силни и можат да ни помогнат. Нѐ помагаат како никогаш досега во нашата историја“, рече Изетбеговиќ.

Ја повтори уште еднаш приказната за тоа дека неговиот татко пред смртта на Ердоган му ја оставил „во аманет“ БиХ и додаде: „Некои не се среќни поради толку добрата соработка меѓу Турција и БиХ. Но што им можам, додека има следбеници на Алија и додека има следбеници на Тајип, додека нѐ има нас двајцата и додека има оние кои ќе дојдат по нас, тие односи ќе бидат такви и ако даде Господ, ќе јакнат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.