Ердоган го нарече Израел „терористичка држава“ и „убиец на деца“

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го нарече во неделата Израел „терористичка држава“ којашто „убива деца“, додавајќи дека со „сите средства“ ќе се бори против американското признавање на Ерусалим како израелска престолнина.

„Палестина е невина жртва (…) Кога станува збор за Израел, тоа е терористичка држава, да, терористичка! Нема да го препуштиме Ерусалим на милост и немилост на државата која убива деца“, истакна турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во пламениот говор во Сивас, во централна Турција.

Изјавите доаѓаат неколку дена откако американскиот претседател ја ефектуираше одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Државата Израел, што официјална Анкара остро го осуди. Турскиот претседател Ердоган, кој повеќепати досега Ерусалим го нарече „црвената линија за муслиманите“, остро ја критикуваше оваа одлука, велејќи дека таа за „Анкара е „ништовна“.

„Ќе се бориме до крајот со сите средства“ против ваквата одлука, додаде Ердоган, потсетувајќи дека во среда во Истанбул се одржува самитот на Организацијата за исламска соработка (OIC). На тој состанок на врвот ќе „покажеме дека примената на тие мерки нема да биде толку лесна“, порача турскиот претседател.

Додека го држеше говорот, во заднината на Ердоган беше поставена фотографија на момченце, наводно Палестинец од Хеброн, на Западниот брег (од реката Јордан) палестинска енклава којашто меѓународната заедница ја смета за окупирана од Израел палестинска територија, кого лица во униформа, претставени како израелски војници, го водат со заврзани очи.

„Погледнете како тие терористи го влечат ова четиринаесетгодишно дете“, обвини турскиот претседател покажувајќи ја фотографијата чијашто автентичност светските агенции сѐ уште не можат да ја потврдат.

Турција и Израел, порано тесни стратешки сојузници, минатата 2016 година ги нормализираа односите, по длабоката дипломатска криза која во мај 2010 година ја поттикна напад на израелските командоси на бродот на исламистичка труска хуманитарна организација која беше во рамките на Флотилата на слободата се обидуваше да ја пробие израелската поморска блокада на Појасот Газа, Тогаш загинаа десет турски активисти, девет турски државјани и еден американски од турско потекло. Израел по шест години се согласи да се извини и да исплати компензација од десетина американски долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.