Ердоган го прифати составот на новата Влада

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го прифати денеска составот на новата влада, кој претходно му беше предложен од лидерот на владејачката Партија на правдата и развојот и мандатар Ахмет Давутоглу.
По одобрувањето на предлогот на Давутоглу, тој официјално ќе ја преземе премиерската функција, но владата нема да може веднаш да започне со работа.

Согласно Уставот на Турција, во рок од пет работни денови премиерот треба да и ја претстави на Парламентот владината програма, а на 6 или 8 септември законадавниот дом треба да му изгласа доверба на новиот кабинет.
На местото на Давутоглу, како нов шеф на турската дипломатија е назначен досегашниот министер за ЕУ, Мевљут Чавушоглу, а пак на неговата функција е именуван Волкан Бозкар.

Нов министер за трговија и царина ќе биде Нуретин Џаникли.
Советникот на поранешниот премиер Ердоган, Јалчин Акдоган и потпретседателот на владејачката Партија на правдата и развојот, Нуман Куртулмуш се именувани за нови вицепремиери во владата.

Останатите досегашни министри и вицепремиери остануваат на своите функции. Министер за економија и понатаму ќе биде Нихат Зејбекчи, за финансии Мехмет Шимшек, а за енергетика и природни ресурси Танер Јилдаз. Функциите ќе ги задржат и двајцата вицепремиери Али Бабаџан, кој е одговорен за економски прашања, и Булент Аранч.

Новата влада на Турција ќе се соочи со нови предизвици во надворешната политика, поврзани со регионалните проблеми и процесот за членство во ЕУ, донесување на нов устав, продолжување на мировниот процес со Курдите, борбата со т.н. „паралелна држава“ раководена од исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен и одржување на стабилна економија.